Денес во Конгресната сала на Хотел Дрим во Струга, се одржа прес конференција на која директорот на СВП, Тодорче Тасевски, ги соопшти деталите за Програмата на годинешното издание на Фестивалот. На почетокот, тој изрази искрена благодарност на Семјуел Кенеди и компанијата Кенеди Технолоџис, коишто посветено и без надомест, како општествено одговорна компанија имплементираа нов дизајн на веб-страницата и надградба на системот за управување со содржина (Content Management System)
Семјуел Кенеди од името на компанијата Кенеди Технолоџис ги резимираше активностите на проектот за имплементирање на новиот дизајн и оптимизација на веб страницата. „Како странец кој живее тука, се чувствувам особено привилегиран да дадам придонес кон овој важен културен настан во мојот втор дом, Македонија.“ Тој ги истакна главните приоритети што се постигнати со проектот: Одржливост и достапност што се постигна со ажурирана верзија на Систем за менаџирање на содржини (Cоntent Management System), леснотија во споделувањето, оптимизација на веб-страницата за помоќен перформанс, цврста техничка основа која ќе го обезбеди дигиталниот раст на СВП во наредната декада, како и потенцијали за идно подобрување преку модернизираната платформа којашто отвора нови можности за дополнителни технички подобрувања и иновативни онлајн медиумски понуди.
По ова, се продолжи со претставување на деталите од Програмата на Фестивалот:
„Струшки вечери на поезијата“ како еден од најстарите и најзначајните светски поетски фестивали ќе се одржи и годинава, во вообичаениот термин, на крајот на август, од 24 до 28 август во своето автентично издание на препознатливите локации.
Свеченото отворање на фестивалот повторно ќе се одржи на вообичаената локација, платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ и навистина се надеваме дека оваа година временските услови ќе овозможат непречено одржување, но како алтернативна локација ја имаме салата на Центарот за култура., а свеченото затворање ќе биде со традиционалното читање на Мостот на поезијата.
Мотото на годинешниот фестивал е ЧУВСТВОТВОРЕН ЈАЗИК. Со ова мото сакаме да го потенцираме оној аспект на поезијата и поетскиот јазик како јазик створен, односно создаден од чувства, но и јазик што создава чувства. Исто така сакаме да ја потенцираме моќта на поезијата да создава нови зборови и да ја менува, односно да ја збогатува нашата претстава за светот па во таа смисла таа е и ЧУДОТВОРЕН ЈАЗИК. Ваквиот поетски јазик е предизвик и за најновите трендови на алгоритмите на вештачката интелигенција коишто генерираат јазик врз поинакви принципи, врз принципите на семантички корелации и математички пресметки. Во Програмата на Струшките вечери оваа година е предвидена Тркалезна маса на тема: Поетскиот јазик и вештачката интелигенција.
Оваа година, го имаме македонскиот лауреат, истакнатиот македонски поет Влада Урошевиќ. Поетскиот портрет на лауреатот е на 26 август и според традицијата ќе се одржи во катедралната црква Св. Софија во Охрид.
Повеќе од 25 странски поети од светот, како и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација, ќе учествуваат на фестивалот на главните поетски читања.
Оваа година, во рамки на Програмата на јубилејот на одбележување на 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, под покровителство на Претседателот Стево Пендаровски, во Програмата на Струшките вечери се предвидени неколку содржини: Изложба на фотографии поврзани со учеството на Ацо Шопов на Струшките вечери на поезијата и неговиот огромен придонес за основањето и развојот на Фестивалот. Ацо Шопов, имено е претседател на првиот Фестивалски Одбор. Промоција на преведени изданија на Ацо Шопов на неколку јазици, како и свечен настан по повод јубилејот, кој ќе се одржи во Св. Софија на 26 август пред портретот на лауреатот на годинешното издание.
Во рамки на Програмата, предвидени се портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ (годинешниот добитник е ирскиот поет Гевин Бредли, кој живее и работи во Канада) како портретот на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2023 година, кој ќе биде објавен на самиот почеток на август. Конкурсот траеше до 25 јуни. Во рамки на програмата на СВП ќе биде организиран специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „ВЕРСОПОЛИС“, проект поддржан од Европската Комисија. СВП се дел од овој проект од 2014 година.
Од изданијата на струшките вечери, освен Монографијата за добитникот на Златен Венец, Зборникот на Фестивалот кој оваа година ќе биде во проширено издание, а ќе има и електронско издание, тријазичното издание на минатогодишниот добитник на наградата Браќа Миладиновци, изданието на добитникот на наградата Мостови, во чест на јубилејот 60 години од востановувањето на наградата „Браќа Миладиновци“, ќе биде издадена Антологија за поезијата и флората, насловена „Меѓу дрвјата“ чиј приредувач е нашиот истакнат македонски поет, универзитетски професор и философ Иван Џепароски. Оваа антологија содржи избор од поетското творештво на досегашните добитници на наградата, во чии песни се застапени мотивите на флората и го актуелизира книжевно теорискиот пристап на еко поезијата и еко критиката.
По повод јубилејот „200 години од раѓањето на Шандор Петефи“ во соработка со унгарската амбасада, во рамки на Прогрмата на СВП ќе биде отворена изложба за животот и делото на овој славен унгарски поет.
Свеченото отворање и свеченото затворање на СВП ќе се одвиваат на препознатливите локации, а во останатите денови, претпладневната програма е предвидена да се одвива во Конгресната сала на хотел „Дрим“,кој исто така, е еден од нашите главни поддржувачи, а вечерната програма на летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.
Медиумски покровител на Фестивалот е Македонската Телевизија која што ќе врши директнен пренос на главните настани.
Програмата на фестивалот, почнувајќи од изданието во 2019 година, целосно се пренесува во живо на официјалниот јутјуб-канал на СВП, така што ќе биде овозможено целосно следење од страна на поширокот аудиториум.
„Струшките вечери на поезијата“ го задржуваат континуитетот на одржување на фестивалот, кој почнувајќи од 1961 година ја покажува моќта на поезијата да го обедини светот.