„Срамно е што пратениците на ДПМНЕ и Левица не гласаа во Собранието за новиот Закон за употреба на македонскиот јазик“, соопштија утрово од СДСМ.
Според нив, со законот за употреба на македонскиот јазик се дава правна основа за донесување на Национална стратегија за македонскиот јазик, се прошируваат областите за употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и опсегот на лекторирање.
„ДПМНЕ и Левица покажаа крајно непочитување на сопствениот јазик и уште еднаш го потврдија своето лицемерие, од една страна манипулираат дека македонскиот јазик е загрозен, дека ќе стане бугарски дијалект, а од друга страна не го гласаат законот за употреба на македонскиот јазик“, велат од СДСМ и додаваат дека со нив македонскиот јазик е заштитен.
Најсилен доказ дека македонскиот јазик е признаен од ЕУ, со чиста формулација без додавки и фусноти е договорот Фронтекс, за чија ратификација ДПМНЕ исто така не гласаше во парламентот, се наведува во соопштението од Бихаќка.
Партијата вели дека ДПМНЕ останува деструктивна партија која застанала против македонскиот јазик, која работи спротивно на интересите на државата и граѓаните.
„На ДПМНЕ и Левица им е приоритет да продолжат со блокади и деструкции на штета на државата“, стои уште во утринското соопштение.