Речиси 30 бродови се закотвија во близина на клучниот украински пристанишен терминал Измаил откако Русија денеска нападна складишта за жито на реката Дунав, пишува Ројтерс. Во нападите се ранети седум лица, а оштетена е и инфраструктурата покрај Дунав.
Станува збор за витален алтернативен пат за украинското жито откако минатата недела заврши договорот за безбеден извоз преку Црното Море. Кијив тврди дека нападот бил продолжување на воздушната кампања што ја започна Русија по нејзиното неодамнешно повлекување од договорот за жито.
Според пресметките на Ројтерс, врз основа на податоците за следење на бродови од аналитичката компанија MarineTraffic, околу 29 бродови, вклучително и танкери за хемикалии, запреле околу Измаил. Дополнителни три брода, исто така, се закотвија долж пловниот пат што води до терминалот Рени-Одеса.
Г. Т.