За помалку од една година, вредноста на рубљата која во септември 2022 беше повисока од денарот (1.11 на 25.09.2022), сега е речиси преполовена на 0,59 македонски денари), објави ЦИВИЛ Медиа.
Руската рубља продолжува да паѓа. Рубљата го забележа најголемиот пад во однос на американскиот долар на берзата во Москва, споредено со првиот месец од војната во Украина, март 2022 година.
Падот во петокот на 96 рубљи за еден долар е продолжение на сѐ пониската вредност на руската валута. На почетокот на годината, еден долар беше 65 рубљи. Тоа е пад од околу 30%.
Вредноста во петокот беше најниска од 28 март 2022 година, објави руската државна новинска агенција ТАСС.
Откако почна руската агресија против Украина на 24 февруари 2022 година, во првите денови вредноста на рубљата се стрмоглави, а еден долар беше 120 рубљи. Сепак, рубљата брзо закрепна, бидејќи руската централна банка ги отвори трезорите и вбризга големи суми пари во оптек, за да ја одржи националната валута во живот, па дури успеа да дојде и до ниво на 50 рубљи за еден долар во јули 2022 година.