ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ФРОНТ

За љубовта кон Трамп

Кривичните обвиненија во два федерални случаи и уште еден по обвиненијата покренати од државата Њујорк, ѝ немаат наштетено на популарноста на поранешниот американски претседател кај републиканските гласачи. Што ја објаснува истрајноста на неговата контрола врз толку голем дел од американскиот електорат?

August 6, 2023 15:42
in ZOOM IN, АНАЛИЗИ, ДЕНЕС, СВЕТ, ФРОНТ
Share on FacebookShare on Twitter

Пишува: ИАН БУРУМА / Project Syndicate

Не би требало да има смисла. Доналд Трамп тукушто беше обвинет за четири кривични дела, вклучувајчи измама на Соединетите држави и заговор за лишување на Американците од нивното гласачко право.  Трамп, исто така, се соочува со 40 обвиненија, вклучително и прекршување на Законот за шпионажа, пред федерален суд во Флорида и 34 обвиненија за кривични дела во Њујорк во врска со премолчување на секс скандал. И покрај сето тоа, позицијата на Трамп како фаворит да биде следниот републикански кандидат за претседател се чини неповредлива. Според една неодамнешна анкета, тој води со 37 процентни поени пред неговиот најблизок ривал, Рон ДеСантис, гувернерот на Флорида.

Се чини дека тоа што поранешниот претседател може да заврши во затвор воопшто не им пречи на неговите поддржувачи. Нула проценти од неговите тврдокорни поддржувачи сметаат дека има направено нешто погрешно, што е чудно. Уште почудно е што 43% од републиканците очигледно имаат „многу добро“ мислење за него.

ДеСантис, кој мора да признаеме се чини дека толку многу му е неудобно во сопствената кожа што прави другите луѓе да се чувствуваат неудобно додека го гледаат, не успева да го победи Трамп кај десницата. Но, Крис Кристи, малку попривлечен политичар (сега со 2% во анкетите), има дури помалку успех со проектирање на поумерена слика.

Што ја објаснува истрајноста на поддршката за Трамп? Силата на неговите аргументи е помалку веројатно да е клучот, бидејќи тој дава малку кохерентни аргументи. Многу ретко е јасно што тој мисли, или дали воопшто неговите мисли значат нешто. Тој е индиферентен, а дури и презира факти. Но, колку повеќе лаже, толку повеќе се чини дека го сакаат неговите поддржувачи, како лавината од неговите невистини да ја има отапено нивната способност да ја согледаат вистината.

Без сомнение, радикалните промени во тоа како луѓето ги добиваат своите информации имаат удел во ова. Многу луѓе, не само поддржувачите на Трамп, наоѓаат удобно место во меурот на дезинформации од интернетот, поттикнати од измамници кои се претставуваат како новинари на Фокс Њуз и на други, дури и побудалести медиуми.

Трампистичкиот меур е длабоко заглавен во песимизам. Околу 89% од Републиканската партија смета дека САД  се во остар пад, иако економијата под претседателот Џо Бајден е исклучително отпорна. Членови на базата на Трамп дури зборуваат и за претстојна национална катастрофа, предизвикана од злобните елити, злонамерните имигранти и злобната меѓународна кабала на финансиери кои ги влечат конците во светот. Трамп е мајстор за манипулирање со овие заговорни грижи, што може да провоцира одмаздничко насилство исто толку лесно како и поклонение на самонаречениот спасител.

Постојат неколку причини за општа вознемиреност. Многу американски индустриски работници се чувствуваат запоставени во глобалната економија каде што се бара поевтина работна сила преку океанот. А низата социјални и демографски промени – повеќе не-бели граѓани, помалку религиозни авторитети, предизвици на длабоко вкоренетите родови норми и сексуални и расни хиерархии – ги оставија луѓето збунети и во нивните очи, протерани. Тие го обожуваат лидерот кој ветува дека „ќе им ја врати државата“.

Најуспешниот – и најалармантниот – од демагошките гамбити на Трамп е да ги претстави своите правни проблеми како напад врз сите негови следбеници. Неговата кампања ги спореди последните обвиненија со прогонот во Советскиот сојуз на Сталин и нацистичка Германија. По неговото федерално обвинение во јуни, тој им рече: „На крајот, тие не доаѓаат по мене. Тие доаѓаат по вас – а јас само им стојам на патот“.

Историјата никогаш не се повторува сосема исто, а лабавите споредби со други времиња и места се секогаш опасни. Но, некои аспекти од минатото сепак можат да ни помогнат подобро да ја разбереме сегашноста.

Во нејзината книга Изворите на тоталитаризмот( The Origins of Totalitarianism), Хана Арент изрази аргумент што останува валиден: намерното лажење е првиот чекор кон тиранија. Во нејзините зборови: „Пред да ја зграбат власта и да воспостават свет во склад со нивните доктрини, тоталитарните движења претставуваат еден лажен свет на конзистентност… во кој, преку чиста фантазија, обезкоренетите маси може да се почувствуваат дома и да бидат поштедени од шоковите кои никогаш немаат крај и кои реалниот живот и реалните искуства им ги пренесуваат на луѓето и на нивните очекувања“.

Германскиот историчар Јоаким Фест го има кажано истото за „литургиската магија“ на национал-социјализмот. Тоа беше магија, тврдеше тој, што на луѓето им го враќа „нивното изгубено чувство на заедничка припадност и нивното чувство на колективно другарство“.

А уште поважна денес е забелешката дадена во 1932 година од страна на либералниот политичар Теодор Хојс, кога нацистите беа пред уништување на германската демократија. Тој говореше за фантастичното пропагандистичко достигнување на нацистите, кое практикуваше интеракција што ги опфаќа и херојот и светецот во исто време, наизменично меѓу големиот победник во еден момент, маченикот и неговата прогонувана невиност во следниот“.

САД денес не се осудената на пропаст германска Вајмарска Република. Имаше катастрофални војни во Ирак и Авганистан, но не постои еквивалент на Версајскиот договор со кој се казнуваат Германците по Првата светска војна. Нема економска депресија ни оддалеку споредлива со онаа од 1930-тите.

Она што можеби е најважно е тоа што Трамп, и покрај неговиот успех да го натрупа Врховниот суд со религиозни радикали, го нема освоено поголемиот дел од елитите, како што тоа го стори Хитлер. Некои млади белци сега се чувствуваат привлечени кон крајната десница, но Трамп ни оддалеку ја нема поддршката од студентите што нацистите ја имаа.

Ако Републиканската партија го номинира Трамп за нивен претседателски кандидат, веројатно ќе му биде потешко да го победи веројатниот демократски кандидат, Бајден, отколку да ги оддалечи своите републикански ривали. Но, ќе видиме дали ќе може доволен број луѓе да се убедат да гласаат за 81-годишен човек кој често е несигурен, за да се спречи катастрофата на кандидатот кој копнее да се врати во Белата куќа за да избегне да оди во затвор.

Превод: Наташа Цветковска


Текстот е преземен од Project Syndicate и објавен на FRONTLINE. Линк до оригиналот: For the Love of Trump . Понатамошно преземање не е дозволено без писмена дозвола од Редакцијата.

 

Tags: PROJECT SYNDICATEИАН БУРУМАрепубликанциСАДТрамп
Next Post

Пожари беснеат во Шпанија и Португалија, се евакуираат села, воведен полициски час

EVN

НАЈНОВО

АХВ: Итно се повлекува формулата за доенчиња „аптамил АР 2“, потрошувачите што ја купиле да не ја користат или да ја вратат

January 27, 2026

Орце Ѓорѓиевски: Скопското Кале ќе стане жива културна сцена на градот

January 27, 2026

Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра

January 27, 2026

НАЈЧИТАНО

  • kristen stewart

    Кристен Стјуарт најави заминување од САД поради политиките на Трамп

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Дневен хороскоп со Анаис – 26 јануари 2026

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • МВР објави кои сообраќајни прекршоци ќе се санкционираат со „Безбеден град“ и колкави се глобите

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Обама по убиството во Минесота од агентите на ICE: Ова мора да престане

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Малите трговци предупредуваат: Новиот закон за пушење може да затвори над 4.000 мали бизниси

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk