„Интеграцијата кон Европската Унија е наша децениска определба, на сите граѓани на оваа држава. Да не дозволуваме да бидеме подведени под лошото поведение на малкумина, на кои им одговара матната вода во која не туркаат да пливаме, не нудејќи избор кој е јасен и конкретен. Изборот е јасен, затоа што „Ние сме Европа“, тука припаѓаме и тука можеме да ги развиеме своите целосни потенцијали. ЕУ е за сите нас!“, во објава на Фејсбук пишува вицепремиерот Фатмир Битиќи.
„Поставувањето на предвидлива економија, спремна да го фати чекорот со најкомпетитивните пазари на ЕУ го правиме и преку усогласувањето на нашето со законодавството на унијата, кое се случува скоро две децении, односно од првиот ден откако имаме статус земја кандидат за членство. Во овој сегмент имаме висок степен на усогласеност, ја имаме една од најотворените економии во регионот и во Европа, и со сигурност можам да кажам дека нашите компании и нашите сограѓани кои работат во нив спремни ќе го дочекаат денот кога ќе го ратификуваме договорот за членство во Европската Унија со што не само географски туку и на хартија, официјално ќе бидеме дел од големиот заеднички пазар кој нуди повеќе простор за водење бизнис и добро платени работни места.
Дополнително, ние како земја која се уште не е членка во голема мера сме усогласени со Мастришките критериуми во кои се дефинирани монетарните и фискалните правила според кои секоја земја членка ќе се раководи како дел од заедничкиот европски пазар.
Големиот пазар на ЕУ не е ветена земја, тој е тука и нуди можности за развој, за напредок и просперитет.“, наведува Битиќи во објавата.