Не стивнуваат реакциите поврзани со Клиниката за онкологија во Скопје. Дел од медиумите откриваат детали за злоупотребите во клиниката, но дел од нив објавуваат сензационалистички прилози. МВР беше меѓу првите институции кои излегоа во јавноста со осуда и соопштија за намерата да ги истражат сите незаконски дејствија во оваа клиника. Во меѓувреме, овој скандал наголемо се користи за прибирање политички поени.
Сите оправдано се згрозени и реагираат на онколошките монструмски сомневања, пишува професорката Ана Чупеска во објава на социјалните мрежи.
„Имаме инфо дека ОЈО отворило истрага и во координација со МВР делуваат соодветно. Сите едвај чекаме наоди и разврска! Но, за жал, сѐ уште има и такви кои ги злоупотребуваат и така веќе упропастените човечки судбини. Има и онакви за кои пресумпција на невиност не важи… сѐ за политичка видливост“, пишува Чупеска.
Според неа, повиците за протест се легитимни, но не и осудата на луѓе без докази.
„Повици за протест се легитимни, ама не и однапред да ги осудувате, со лицата што сте објавиле и да повикувате на линч без да имате било какви докази. Аман кое дно сте ??? Трамповци и трапчовци!“, револтирано пишува универзитетската професорка и колумнистка, Ана Чупеска.
Според неа, ОЈО треба да ја известува јавноста за текот на истрагите.
„Сметам дека што побрзо, најбрзо, море ИТНО, ОЈО треба да ја извести јавноста до каде се со наодите од истрагата (ако известиле , фајн). Но, секое успорување на истрагата значи отворен простор за уште поголема злоупотреба на жртвите“, стои во објавата на професорката Чупеска.
М. П.