„Додека народот остана силен и решителен, дел од политичарите станаа слаби и полни со сомнежи, станаа кочничари на подобра, европска иднина. Додека 80 отсто од населението ја поддржуваат европската визија за Македонија, дел од опозициските пратениците во парламентот сакаат да ја закочат“ рече премиерот Димитар Ковачевски на традиционалниот пикник на Пеленица по повод 8 Септември.
Тој додаде дека тоа е неодговорно кон најважното, иднината на земјата, иднината на младите македонски генерации.
„Јас, ние од СДСМ, тотално не се согласуваме со политиката на Апасиев и Левица. Тие се против ЕУ, против НАТО, зборуваат за рускиот модел. И покрај сè тие остануваат лојални на својата идеологија. Но, тие се малцинство меѓу населението. Како човек кој иднината на земјата ја гледа во ЕУ и кој работи за тоа да стане реалност сметам дека нашата земја има многу поголем проблем со оние циници кои секој ден едно зборуваат, а друго прават“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека тие само декларативно поддржуваат членство во ЕУ, но се главни кочничари на европскиот пат, како да се плашат од се за што се залага Европа – владеење на правото, демократија, мултиетнички мир, благосостојба.