Освен „Бехтел и Енка“ никој не може да влијае врз изборот на подизведувачите во Изградба на Коридорите 8 и 10 д. Ниту Владата, ниту една политичка партија, ниту било кој министер нема никаква можност да влијае врз тоа, изјави првиот вицепремиер и координатор на активностите за изградба на Коридорите 8 и 10д Артан Груби, на прес-конференција по стартувањето на градежните работи на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за пробивање на трасата на автопатот Гостивар Букојчани.
„Нивна е одговорноста кого ќе изберат. Процедурите на „Бехтел и Енка“ при избор на подизведувачи се повеќе ригорозни и од нашиот Закон за јавни набавки, а во нивни интерес е да ги завршат работите во предвидениот рок затоа што во спротивно нивна ќе биде одговорноста“, истакна Груби.
Во село Горна Бањица денеска започна минирање со што стартуваат градежните работи на Коридорот 8.
Покрај вицепремиерот Груб, изјави дадоа претставници на „Бехтел и Енка“, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми и американската амбасадорка Агелер.
Со Договорот што го потпиша Владата со „Бехтел и Енка“ е предвидена изградба на автопатските делници Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требеништа – Струга – Ќафасан на Коридорот 8 и на автопатската делница Прилеп – Битола на Коридор 10д.
До проектната единица – Јавното претпријатие за државни патишта веќе се доставени инфраструктурни проекти за сите делници, освен за Требешништа – Струга – Ќафасан. Доставени се и елаборати за експропријација за Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани, а до крај на месецов се очекуваат елаборати и за Прилеп-Битола.
Ј. Ѓ.