„Се проценува дека БДП на ЕУ во целина, заради синергетскиот ефект е поголем за 10 отсто, отколку што би бил доколку не би биле интегрирани. Тоа во реални пари значи дека секој жител на ЕУ има 850 евра дополнителен годишен приход само заради тоа што неговата земја е членка на ЕУ“ рече премиерот Димитар Ковачевски на Скопскиот економски и финансиски форум.
Тој додаде дека само во 2021 година, ЕУ имала извоз од 2,18 билиони евра, а ако се погледне БДП на светско ниво, дури 60 отсто отпаѓа на САД и ЕУ, 25 отсто на БРИКС, а остатокот во останатите земји.
„Затоа кога говориме дека местото на нашата држава е во ЕУ, рамо до рамо со партнерот САД, значи дека сакаме земјата да ја поставиме таму каде што се најдобрите и најразвиените“ рече Ковачевски.
Премиерот рече дека со отворената европска политика на Владата се одржува економската стабилност и во услови на повеќе кризи одеднаш, со тоа што нашата европска ориентација носи резултати.