Пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
„Рекла-казала. Тоа ли е политика? Така ли се води партија?“ Овој муабет на побегуљата Груевски упатен кон неговиот протеже Мицкоски може да се земе како главно сиже од фабулата на претставата што се случува во ВМРО-ДПМНЕ последниве неколку дена.
Драмолетката Груевски Мицкоски достигнува интензитет како петокласна евтина сапунска опера веќе по којзнае којпат репризирана од вмровците. Овие две шушумиги со подуени ега баш ги заболе за иднината на граѓаните и тоа дека токму сега се крши дали поцврсто ќе зачекориме на патот кон нормалните западни демократии, или ќе се закачиме за диктаторските црнила што демнат од исток и ќе се самоубиеме како држава.
Но, на главниве ликови од драмолеткава најбитно им е да покажат пред нивните вмроовци кој прч има поголеми рогови на тимбите. Битно тие да го прчат, ги заболе за сè друго.
Па се избербатија до немај-каде, докажувајќи кој е главен папа во белата палата.
Прво Мицкоски за германски ФАЦ го обвини Груевски за наводна тајна комуникација со Владата.
Потоа Груевски го повика Мицкоски да одговори дали е точно пренесена изјавата.
Па Мицкоски му врати да не прави јавни пародии и дека создава раздор во партијата.
И засега последната епизода на Груевски во која му одговари на Мицкоски, дека со рекла-казала муабети не се гради единство во партијата и дека така не се води политика.
„Денес стигна одговорот на Мицкоски. И како што очекував без никаков аргумент, без никаков доказ или нешто слично. Рекла-казала од типот “се слуша”, “гласно говорат”, “се фалат” итн. Тоа ли е политика? Така ли се води партија? Така ли се гради единство во партијата?… Јас во континуитет жестоко го напаѓам СДСМ. Мицкоски ме нападна мене. Нели ви е нешто чудно тука?“, пишува Груевски.
Кога овие два орбанови вазали вака јавно со тешки обвинувања и дисквалификации се резилат еден со друг, може само да си замислиме што се случува позади сцената.
Но, не треба да бидеме изненадени, историската „кланица“ помеѓу вмровскиот лидершип нон-стоп се повторува, како некое проклетие што им виси над партијата.
Кога станува збор за вокабуларот кај вмровциве, таму сè е некако епско, катаклизмично, фаталистично: раздор, разнебитување, разединување, раскол… Како зборови од некои зад’рти вмровски фермани архивирани во матичната им Софија; како досаден ритам кој ти сврби во уши и те прогонува; како некоја застоена реа што ти ги убива сите сетила и не ти дозволува да ја мириснеш иднината и да поткренеш глава од трулежов; како…
Kако ВМРО.
Кој на кого од штракнативе ќе му ракоплеска на крајот од сапуницава?