Пратеничката од СДСМ Жаклина Лазаревска во објава на Фејсбук, реагира на соопштението од ОК ВМРО-ДПМНЕ, каде ја нарекуваат „џелат на образованието“.
„Дали е џелат оној кој се залагаше и гласа да се укине екстерното и казните за наставниците во образованието?!
Дали е џелат оној кој лобирал и овозможил подобро да се вреднува и почитува трудот на наставниците?!
( наставниците изминативе 7 години добија 55% зголемување на платите и ќе земат и К15.)
Дали е џелат тој кој што овозможил само оваа учебна година 55 училишта да ја започнат со значително подобрени услови за настава со инвестиција од над 4,5 милиони евра обезбедени во буџетот на МОН преку одделението за капитални инвестиции, проектната единица за изградба на 145 спортски сали и рехабилитација на училишни објекти и проектната единица за унапредување на основното образование?!
Дали е џелат тој кој лобирал во охридските училишта МОН и Владата да инвестираат повеќе од 5 милиони евра?!
Дали е џелат тој кој законски овозможи поврзување на образованието со стопанството при што успеавме на ниво на цела држава повеќе од 250 фирми да имаат склучено меморандуми за соработка и поддршка на стручните училишта?!
Дали е џелат тој кој во Охрид овозможил сите три средни стручни училишта да имаат дуални паралелки така што секој ученик кој ќе се запише во дуална паралелка, како и учениците кои реализираат наставни планови и програми за стручно оспособување и стручно образование од тригодишно траење ќе имаат можност да аплицираат за стипендија во вредност од 3500 денари на месечно ниво, за 9 месеци во годината?!
Дали е џелат тој кој гласал и овозможил инклузивно образование за децата со попреченост со вработување на 800 образовни асистенти во основните училишта во целата држава, од кои 10 се вработени во училиштата во Охрид?!“, објави Лазаревска.
Таа истакнува дека се искажани „многу невистини, многу спинови и лаги но ништо чудно од следбениците на претседател кој избега во гепек со сите украдени пари на граѓаните“
„Една е вистината дека образованието е стожер на секое општество и негова движечка сила и секој еден треба да има еднакво право на образование.
Влогот во образованието е влог во иднината на државата“, вели Лазаревска.
Во соопштението од О.К. ВМРО-ДПМНЕ Охрид, обвинуваат дека „СДСМ никако да го реконструира угостителското училиште за ученииците да почнат настава со физичко присуство’.
„Некој кој не го знае Законот за средно образование а се повикува на одобрување , кратење и формирање на паралелки МОРА да си го прочита членот 28 и после да пишува глупости и клевети заради добивање ситни политички поени или оцрнување на личност која целиот свој живот и работен век го посветила за доброто на образованието во нашата држава“, потенцира Лазаревска.
Ј. Ѓ.