Европските производители на лекови предупредија дека предложената целосна забрана за употреба на PFAS или „вечните хемикалии“, ќе го оневозможи производството на лекови во Европа. Во февруари ЕУ почна да размислува за забрана на овие широко користени, но потенцијално штетни хемикалии. Шестмесечните консултации завршија во понеделникот, при што Европската агенција за хемикалии (ECHA) регистрираше 5.600 коментари, пишува Ројтерс.
„Целата фармацевтска индустрија повеќе нема да може да произведува активни фармацевтски состојки… или сродни медицински производи во Европската економска област (ЕЕА)“ доколку исклучоците или отстапувањата не се вклучени во нацртот, соопшти Европската федерација на фармацевтски индустрии и асоцијации (EFPIA). ЕЕА ги вклучува земјите од ЕУ, Лихтенштајн, Исланд и Норвешка.
„Целосна забрана би значела крај на производството на лекови во ЕУ за помалку од три години“, изјави директорката на EFPIA Натали Мол.
Групата, која вклучува гиганти како Pfizer, Roche и Novartis, тврди дека PFAS се користат во производството на лекови и дека некои од тие хемикалии што не се ризични или се нискоризични хемикалии влегуваат директно во лековите.
Таа сепак нагласи дека не е против регулирање на некои штетни PFAS. Критики упатија и други индустрии. Европската асоцијација за хемиска индустрија (Cefic) повика на „урамнотежена“ регулација на PFAS, истакнувајќи дека забраната ќе му наштети, меѓу другото, на производството на батерии, полупроводници, електрични возила и обновлива енергија.
Што се „вечни хемикалии“?
PFAS се перфлуорирани и полифлуорирани алкилирани супстанци кои сочинуваат повеќе од 4.700 хемикалии. Тие се наречени „вечни хемикалии“ бидејќи се исклучително упорни во околината и човечките тела. Тие се користат во десетици илјади производи и машини, вклучувајќи автомобили, текстил, медицинска опрема, ветерници и нелепливи тави за готвење бидејќи се отпорни на високи температури и корозија.
Поврзани се со бројни здравствени проблеми како рак, хормонални нарушувања и ослабен имунолошки систем, а штетни се и за околината. Според планираниот европски закон, компаниите ќе имаат преоден период од 18 месеци и до 12 години за да најдат алтернативни супстанции, во зависност од индустријата и производот.
Г. Т.