„Кога велиме ‘Ние сме Европа’, тоа има посебна тежина кога станува збор за Северна Македонија како крстосница на дел од најважната европска патна инфраструктура. И не само патна, туку и енергетска затоа што енергетските коридори се пресликуваат преку патните. И во однос на тоа прашање гордо може да кажеме дека нашата земја е во средиштето на мрежата која го овозможува пулсот на Европа“, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на трибината „Градиме македонски, градиме европски“ во Штип.
Тој додаде дека одамна е јасно оти не може да има развој без развиена инфраструктура, а не може да има развиена инфраструктура без вложување во транспортната мрежа и без ефикасна транспортна мрежа.
„Затоа оваа Влада е максимално посветена на подобрување на транспортната инфраструктура. Преземени се голем број активности“, истакна Маричиќ.
Вицепремиерот додаде дека целата држава е огромно градилиште за нова и за обнова на патната мрежа и дека во тек е годината на историски инвестиции.
„Од 2017 до 2023 година се вложени преку една милијарда евра за изградба и рехабилитација на патишта. Во последните 32 години, во државата се изградени и пуштени во употреба 186 километри автопати или по 5,8 километри автопат годишно. А сега, со изведбата на Коридорите 8 и 10-д, во следните 4 години ќе се градат по 23 километри автопат годишно“, рече Маричиќ.