Во Скопје денеска се одржа официјалниот настан за потпишување на финансиската спогодба за ИПАРД 3. Спогодбата беше потпишана од вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ и евроамбасадорот Дејвид Гир.
Со финансиската спогодба се обезбедија 97 милиони евра за македонското земјоделство со мерки од ИПАРД 3 програмата за инвестиции во физички средства на земјоделски стопанства; за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи; за диверзификација на фармите и развој на бизнисот; и за техничка помош.
„Нашата политика е да посветиме посебно внимание на подобрувањето на безбедноста и квалитетот на храната, заштита на животната средина, обнова и развој на руралните култури, зачувување на културните богатства и традиционалните обичаи, поддржувајќи го производството на квалитетни органски и автохтони земјоделски производи“, истакна Маричиќ во своето обраќање непосредно по потпишувањето.
Вицепремиерот додаде дека денес, повеќе од било кога имаме потреба да бидеме и ние дел од приказната на европското обединување, солидарност и економска соработка а нашата стратешка цел е несомнено полноправно членство во ЕУ. Оваа поддршка нам ни дава силен ветер во грбот да одиме напред кон остварување на целта, со која македонските граѓани ќе станат граѓани на ЕУ.
„Можностите кои се отвораат со ИПАРД програмата се смерница за многу семејства, млади кои се вклучуваат во работата, придонесуваат за развој на земјоделието автоматски на економијата и најважно отовораат можности за нашите млади да останат во државата, да планираат и градат иднина во нашата родна земја, дома, во Северна Македонија“, заклучи Маричиќ.