Финските медиуми јавија дека е откриено истекување на подморскиот гасовод меѓу Финска и Естонија, познат како Балтикконектор (Balticconnector). Се претпоставува дека зад нападот стои Русија, пишуваат западните медиуми.
Шведското национално радио одделно објави дека гасоводот е оштетен и дека штетата не е предизвикана од природни причини, повикувајќи се и на извори од финската Влада.
Оштетувањето на подводниот гасовод и телекомуникацискиот кабел што ги поврзува Финска и Естонија под Балтичкото Море е резултат на надворешна активност, објави финската Влада. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека НАТО ги споделува своите информации поврзани со штетите и дека е подготвен да ги поддржи сојузниците. Финска се приклучи во НАТО во април оваа година, а Естонија е членка од 2004 година.
Многу е веројатно дека оштетувањето на гасоводот и комуникацискиот кабел е резултат на надворешна активност. Причината за штетата се уште не е јасна, истрагата продолжува во соработка со Финска и Естонија, изјави финскиот претседател Саули Ниинисто, додавајќи дека „денеска разговарал со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и НАТО е подготвен да помогне во истрагата“.
Гасоводот Балтикконектор, долг 77 километри, е затворен рано во неделата поради загриженост дека од него истекува гас. Финскиот оператор Гасгрид соопшти дека поправките може да траат со месеци или повеќе. Падот на притисокот во гасоводот беше многу брз, што покажуваше дека не станува збор за мала пукнатина. Но, причината не е јасна, изјави за Ројтерс балтички енергетски службеник, запознаен со ситуацијата, кој сакаше да остане анонимен.
Г. Т.