Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш денеска рече дека нема оправдување за смртоносниот напад на Хамас врз Израел, откако израелските власти го повикаа да поднесе оставка поради неговата изјава дека нападите на Хамас „не се случиле во вакуум“.
Гутереш на платформата Икс (Твитер) напиша дека поплаките на палестинскиот народ не можат да ги оправдаат страшните напади на Хамас, ниту дека нападите на таа група можат да го оправдаат колективното казнување на палестинскиот народ.
Израелските власти го критикуваа Гутереш во вторникот, откако тој пред Советот за безбедност на ОН рече дека е исто така важно да се признае дека нападите на Хамас не се случиле во вакуум.
Многу израелски официјални лица оттогаш го повикаа Гутереш да поднесе оставка.
Постојаниот претставник на Израел во ОН, Гилад Ердан, во вторникот го повика Гутереш веднаш да поднесе оставка бидејќи, како што рече, не е способен да ја води светската организација. „Генералниот секретар на ОН, кој покажува разбирање за кампањата за масовно убивање деца, жени и стари лица не е способен да ги води ОН. Го повикувам веднаш да поднесе оставка“, напиша Ердан на Икс.
Израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен го критикуваше Гутереш на состанокот на Советот за безбедност за неговите критики за нападите на Израел врз Газа, прашувајќи го „во каков свет живее“. Коен подоцна на платформата Икс напиша дека ја откажал планираната средба со Гутереш.
Гутереш претходно повика на итен хуманитарен прекин на огнот во Појасот Газа и нагласи дека „страшните напади“ на палестинската милитантна група Хамас врз Израел не можат да го оправдаат „колективното казнување на палестинскиот народ“.
„Ниту една страна во вооружен конфликт не е над меѓународното хуманитарно право“, рече генералниот секретар на ОН. Тој посочи дека нападите на Хамас врз Израел од 7 октомври не се случија „во вакуум“ и нагласи дека палестинскиот народ е под окупација 56 години.