Мобилните тимови на Царинската управа ја сочинуваат Службата за мобилни тимови, која заедно со Службата за мобилни скенери и Службата за царински песови го формираат Одделението на оперативни работи кое е во состав на Секторот за контрола и истраги. Овие мобилни тимови се заслужни за најголемиот дел на заплени и спречени обиди за нелегална трговија и за затајување на царинските давачки, пишува „Рацин.мк“.
Во сторијата на „Рацин.мк“ и поминатиот ден со мобилните тимови на Царината се истакнува дека целта на овие тимови е спречување на криумчарење на дрога, оружје, на пари, злато и друго.
Мобилните тимови со одобрен налог за основано сомневање, дополни главниот инспектор на Службата, имаат право на претреси по домови и други простории.
„Предноста на овие мобилни тимови е што откако функционираат во овој облик и на овој начин успесите се многу поголеми и можеме да се пофалиме дека во текот на овие дваесеттина години најголемите и наијинтересните заплени во Царинската Управа доаѓаат токму од мобилните тимови“ потенцираше Горан Ѓоргиевски, главен инспектор во Службата мобилни тимови на ЦУ на Северна Македонија во изјавата за „Рацин.мк“.