Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант потврди дека силите на ИДФ се наоѓаат во срцето на градот Газа, објави Скај њуз.
Тој додаде дека лидерот на Хамас во Газа, Јахја Синвар, бил опколен во бункер. Но, министерот не кажа каде точно се наоѓа бункерот.
„Израел нема да владее со Газа по војната, ама нема ни Хамас“, истакна Галант.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху утрово рече дека Израел ќе има „целосна одговорност за безбедноста во Газа на неодредено време“.
„Нема да има хуманитарен прекин на огнот додека Хамас не ги врати заложниците“, рече Галант.
Коментирајќи го конфликтот со Хезболах на либанската граница, тој истакна дека 70 нивни борци биле убиени, но Израел „нема интерес“ во војната со таа милитантна група.
Израелските сили навлегоа длабоко во Газа, изјави командантот на израелските одбранбени сили (ИДФ).
„Првпат по неколку децении, ИДФ се бори во срцето на градот Газа. Во срцето на тероризмот“, рече генерал-мајор Јарон Финкелман.
Тенкови се позиционирани на периферијата за потенцијален напад врз урбаното јадро на Газа, велат жителите.
„Секој ден и секој час силите убиваат милитанти, откриваат тунели и уништуваат оружје и продолжуваат да напредуваат кон непријателските центри“, рече генерал-мајор Финкелман.
Военото крило на Хамас соопшти дека неговите борци им нанесуваат големи загуби и штета на израелските сили кои напредуваат.
Г. Т.