Портпаролот на израелските одбранбени сили ИДФ, контраадмирал Даниел Хагари, доцна вечерва изјави дека почна четвртото ослободување на заложниците од Појасот Газа.
Тој истакна и дека продолжувањето на привременото примирје во војната со Хамас не е конечно, но дека преговорите се во тек со посредници.
„Ништо не е конечно додека не се случи. И вечерва работите напредуваат, но потребно е трпение“, изјави Хагари.
Палестинското движење Хамас, кој во нападите на југот на Израел на 7 октомври киднапираше и одведе околу 240 заложници во Газ,. Хагари го обвини дека снимал пропагандни видеа за ослободување на заложниците во последните три дена, објавија израелските медиуми.
На видео снимките се гледа како екстремистите им мавтаат на заложниците додека заминуваат, а Хагари рече дека тоа нема да ја прикрие „бруталноста на Хамас“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вечерва на крајот од владината седница за воениот буџет изјави дека планот за заложниците продолжува како што е договорено и дека клучна цел е нивно ослободување и елиминација на Хамас и да се осигура дека заканата нема да се повтори, алудирајќи на изненадувачките напади на палестинските екстремисти на југот на Израел, по кои започна војната.
Тој не ја коментираше објавата на Катар, Хамас и САД дека е постигнат договор за дводневно продолжување на примирјето кое стапи во сила во четвртокот и требаше да заврши утре наутро.
Израелските власти претходно изјавија дека ќе се согласат на дополнителен ден на примирје за секои десет заложници ослободени од Хамас.
Од почетокот на примирјето, 39 Израелци се ослободени во замена за 117 палестински затвореници.
Покрај тоа, 19 приведени странци, главно Тајланѓани, беа ослободени надвор од договорот.
За денеска е најавено ослободување на 11 Израелци и шест Тајланѓани. Од друга страна, Израел ќе ослободи три жени и 30 малолетни мажи.
Г. Т.