Украина продолжува да и нанесува големи загуби на Русија, која е ослабена политички, економски и воено, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Минатата година Украина ги доби битките за Кијив, Харкив и Керсон, а оваа година продолжува да нанесува големи загуби на Русија“, истакна Столтенберг во пресрет на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО, на кој една од главните теми ќе биде продолжување на поддршката за Украина во војната против руската агресија.
Столтенберг одржа прес-конференција во пресрет на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, на кој ќе разговараат за актуелните безбедносни предизвици – војната во Украина и конфликтот на Блискиот Исток, како и ситуацијата на западниот Балканот.
Министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, на кои в среда ќе им се придружи и шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба, ќе ја потврдат долгорочната поддршка на Алијансата за Украина.
Столтенберг нагласи дека Украина успеала да врати 50 отсто од територијата окупирана од Русија. „Тоа е голема победа за Украина, а во меѓувреме Русија е послаба политички, економски и воено“, рече тој.
Шефот на НАТО додаде дека овој месец Германија и Холандија најавиле поддршка за Украина од 10 милијарди евра, а Романија отворила центар за обука на украински пилоти за борбени авиони Ф-16.
„Сојузниците, вклучувајќи ги САД и Финска, испраќаат дополнително оружје и муниција за противвоздушна одбрана за да ги заштитат украинските градови од руски напади, а 20 сојузнички земји сега формираа коалиција за воздушна одбрана за Украина“, изјави Столтенберг.
Како што нагласи тој, сојузниците се согласуваат Украина да стане членка на НАТО и дека на средбата ќе договорат препораки за приоритетни реформи во Украина.
Г. Т.