Новинарот Сеад Ризвановиќ коментирајќи ги критиките околу организацијата на Самитот на ОБСЕ што се одржува во Скопје, вели дека „секоја нормална држава во светот би платила десет пати повеќе од актуелната цена и дека ова е како да платите милијарда долари за реклама и да ја пуштите во цел свет“.
„Секоја нормална држава во светот би платила десет пати повеќе од актуелната цена за самитот на ОБСЕ во Скопје, за во ваков момент да организира ваков мега настан на светско ниво. Ова ви е како да платите милијарда долари за реклама и да ја пуштите во цел свет“, објави на Фејсбук новинарот Ризвановиќ.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, за Самитот на ОБСЕ во Скопје, рече дека власта го претворила во естрада.
Северна Македонија и главниот град Скопје се домаќини на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ, на кој учествуваат околу 1000 делегати од 57 земји членки на Организацијата и земји партнери.
На најголемиот меѓународно-политички настан организиран во земјава од независноста присуствуваат шефовите на дипломатиите на најголем број од земјите-учеснички на ОБСЕ – САД, Канада, Велика Британија, министри од земјите-членки на ЕУ и на НАТО, од Медитеранот, Блискиот Исток и Централна Азија.
Министерскиот совет на ОБСЕ го следат над 300 акредитирани новинари од земјава и од странство.
Ј. Ѓ.