Проширувањето на Движењето „Самоопределување“ надвор од границите на Косово, поточно во изборната трка на Северна Македонија, покрај исполнувањето на личните амбиции на премиерот Албин Курти, може да создаде многу опасен преседан во земјите на Западен Балкан во кој виреат етнички непријателства и незавршени конфликти, пишува Албанпост, по официјализирањето на коалицијата меѓу Движењето „Самоопределување“ и опозициските партии на Албанците во рамките на коалицијата „Европски сојуз за промени“ (Движење Беса, Алтернатива и Демократско движење).
Новинарот од Приштина Лирим Мехметај објави дека вклучувањето на Движењето „Самоопределување“ на политичката сцена во Северна Македонија е во полза на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и против главните партии на Албанците, Демократската унија за интеграција, Алијансата за Албанците и Демократската партија на Албанците.
– Албин Курти и официјално вклучен е во изборната кампања во Северна Македонија, против главните партии на Албанците, Демократската унија за интеграција, Алијансата за Албанците и Демократската партија на Албанците. Ова оди на полза и сметка на фашистичката ВМРО-ДПМНЕ. Курти го прави овој ангажман во време кога Северна Македонија за прв пат ќе има премиер Албанец и во време кога половина од владиниот кабинет во Северна Македонија го сочинуваат Албанци, вели Мехметај.
Според него, од сите политички потези на Курти, овој е најмногу антиалбански.
Од друга страна, косовскиот новинар, Вехби Кајтази, вели дека партијата на Никола Груевски и Албин Курти се во тивка коалиција против Али Ахмети и прозападната ориентација на Албанците во Северна Македонија.
– Курти таму не се натпреварува против македонските партии, туку директно против ДУИ. Проруските партии повеќе не ја сакаат ДУИ на власт, бидејќи Албанците, според нив, заземале многу моќ во Северна Македонија. Но, можете да бидете сигурни дека Курти ќе доживее дебакл како што претрпе во Албанија, анализира Кајтази.
И премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски изрази изненадување и истакна дека сестринските партии можат да поддржат политичка партија во одредена земја, но никогаш не се случило политичка партија да учествува на избори во друга земја.
Дестан Јонузи