Амбасадорот на Холандија, Дирк Јан Коп, денеска се сретна со лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети. Според соопштението од амбасадата, Амбасадорот му порачал дека политичкото влијание врз претседателката на Врховниот суд и нејзиното можно разрешување е неприфатливо и ќе предизвика силна реакција на Холандија.
„Непотребното политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд, таа е судска работа и е неприфатливо и ќе предизвика силна реакција од Холандија“, нагласил амбасадорот.
Од друга страна лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети преку соопштение по средбата му порача на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп дека институциите треба да постапат законски, без надворешни влијанија.
– Претседателот Ахмети и амбасадорот Коп разговараа за влијанијата на истокот во регионот, владеењето на правото, реформите како и важноста од европската интеграција. Зголеменото руско и кинеско влијание во земјата и регионот ја загрозува европската иднина. Владеењето на правото и проверката за сите судии и обвинители беше дел од разговорот на средбата на Ахмети со амбасадорот Дирк Јан Коп. Законот за ветинг за судиите, обвинителите и политичарите е подолго време во Собранието, но ЕУ првично имаше резерви во овој процес, повикувајќи се на примерот со Република Албанија. Што се однесува до Врховниот суд, Ахмети истакна дека во надлежност на Судскиот совет е да постапува според законите, се вели во партиското соопштение на ДУИ по средбата.
Според извештаите, пишува во соопштението на ДУИ, до денес имало повеќе дисциплински постапки и во нивна надлежност е да постапуваат согласно законот и без било каков внатрешен или надворешен притисок.
Во меѓувреме, Судскиот совет соопшти дека Дисциплинската комисија го подготвила извештајот за покренатата постапка против Беса Адем и истиот е доставен до претседателката на Советот, Весна Дамева. На една од следните седници ќе биде ставен на дневен ред.