Градоначалникот на Лондон од британската опозициска Лабуристичка партија смета дека треба да се размислува за повторно приклучување кон европската царинска унија, односно зајакнување на врските со Европската унија по Брегзит.
Градоначалникот Садик Кан изјави дека повторното приклучување кон трговскиот блок треба да биде на маса при овогодинешната ревизија на договорот за повлекување од ЕУ.
„Ајде да разговараме. Не велам денес дека треба да се вратиме во Европската унија. Она што го велам е дека (секретарот за надворешни работи во сенка) Дејвид Лами е на вистинскиот пат кога вели дека треба да имаме поблиски односи со Европската унија“, истакна Кан на денешната конференција на Fabian Society во Лондон.
Тој додаде дека „економската цена на овој исклучително тежок Брегзит е огромна“, притоа критикувајќи ја „омертата“ или законот за молчење поради што „не можеме да зборуваме за блискост со Европската унија, за придружување кон единствениот пазар, за влез во царинската унија. “.
Министерот во сенка за Северна Ирска, Хилари Бен ги истакна придобивките од посилниот сојуз со европскиот блок во услови на растечка геополитичка неизвесност. Тој рече дека ЕУ „ќе здивне“ ако Лабуристичката партија победи на општите избори подоцна оваа година. „ЕУ е малку уморна од преговорите со Британија“, рече тој во својот говор на конференцијата.
„Исто така, мислам дека со текот на времето ќе дојде момент кога ќе се погледнеме преку Каналот и ќе речеме: „Знаете што, ние сè уште сме големи и важни трговски партнери, сè уште сме пријатели и сојузници, соработуваме во надворешната политика и безбедноста и треба да го правиме тоа повеќе… па зарем нема да има смисла да имаме поблиски односи?“
Бен нагласи дека ова е важно за економијата и „градењето сојузи во опасниот свет“.
Г. Т.