„Ние постапувавме внимателно во овој период и навистина не беше лесно да се изменаџира ситуација во која што и нема да влеземе во прекршување на преспанскиот договор од една страна, а од друга страна граѓаните ќе ги добијат своите документи коишто им припаѓаат и коишто им се важни за нормално секојдневно функционирање. Вчерашното изгласување на Законот само им олесни на граѓаните да не бидат под притисок дека мора во овој период да се менуваат и возачките дозволи за користење во државата. Тоа го предложивме и со личните карти пред извесен период, но ВМРО-ДПМНЕ го блокираше во Собранието тој закон. Сега, еве вчера го прифатија за возачките дозволи, тоа е добар знак. Ние навистина се обидувавме и претходно и сега како Влада да најдеме решение кое што ќе биде во интерес на граѓаните, а нема да не воведе во нов спор со Грција,“ посочи од Брисел за МИА, првиот заменик претседател на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ кој ја предводи делегацијата на Северна Македонија во Белгија, на прашањето дали можеби би можеле да очекуваме некакви реакции од грчка страна во врска со усвојувањето на измените на Законот за продолжување на важноста на возачките дозволи.
Тој истакна дека целта е граѓаните што побргу да ги имаат сите документи да можат слободно да ги користат надвор од државата.
„Знам дека не е едноставно ниту за актуелниот министер, ниту претходно, но сите треба да вложиме напори за да профункционира овој систем. Должни сме им го тоа на граѓаните. Ние како владејачко мнозинство сме биле спремни секогаш и први реагиравме со предлогот којшто беше усвоен во Собрание,“ рече Маричиќ.