Идејата за коалицијата „Фронт за Европа“ – СДСМ, ДУИ, Алијанса за Албанците (крилото на Зиадин Селе), ДПА, партиите на Аријанит Хоџе и пратеникот Скендер Реџепи Зејд сè уште е жива. Но, дали ќе се постигне?
„Фронтлајн“ од партиски извори во ДУИ дознава дека лидерите на СДСМ и ДУИ, Димитар Ковачевски и Али Ахмети, следната недела ќе се сретнат за да разговараат за настапот на парламентарните избори на 8 мај, бидејќи за претседателските избори веќе е решено да се натпреваруваат со своите кандидати.
На средбата, како што дознава „Фронтлајн“, ќе се анализираат резултатите од анкетите спроведени од две политички партии, СДСМ и ДУИ и ќе се види дали има можност за заеднички настап под капата на „Фронтот за Европа“ во претстојните парламентарни избори.
Според актуелните политички збиднувања во земјава, овој фронт тешко може да заживее заедно со СДСМ, Али Ахмети со неколку помали партии на Албанците, каде што не е исклучена можноста во него да се вклучи и крилото на Зиадин Селе, ќе го формира најавениот „Фронт“ за Европа.
Според две одделни партиски анкети на партиите од парламентарното мнозинство спроведени пред два месеци, „Фрот за Европа“ (СДСМ, ДУИ, АА – крило на Селе, ДПА и др.) – е фаворит со повеќе од четири отсто предност пред опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
– Наредната недела организираме средба меѓу господинот Али Ахмети и Димитар Ковачевски, на која ќе се разговара и ќе се разгледаат резултатите од анкетите што ги реализира СДСМ и ДУИ, велат од ДУИ за „Фронтлајн“.
Од СДСМ за „Фронтлајн“ не потврдуваат можна средба меѓу Ковачевски и Ахмети, но оттаму информираат деновиве Ковачевски ќе има средба со коалицијата, со тие што и се традиционални коалициски партнери.
– Деновиве ќе има средба со коалицијата, со тие што ни се традиционални коалициски партнери, велат од СДСМ за „Фронтлајн“.
„Фронтлајн“ дознава дека и пред три недели имало средба меѓу лидерот на ДУИ, Али Ахмети, лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски и актуелниот претседател Стево Пендаровски, на која се разговарало за темата избори и коалиции.
Дестан Јонузи