Амбасадата на Украина, во соработка со македонската граѓанска организација ЦИВИЛ – Центар за слобода, организира голема конференција под наслов „Украина – две години хероизам“, во Музејот на македонската борба за независност.
Македонскиот претседател Стево Пендаровски и Амбасадорката на Украина Лариса Дир се првите говорници на конференцијата, а по нив следат обраќањата на премиерот Талат Џафери, вицепремиерите Бојан Маричиќ, Славица Грковска, министрите Бујар Османи и други високи претставници на државните институции.
Во втората сесија на оваа конференција говореа дипломатските претставници на ЕУ, САД, Велика Британија, Шведска, Албанија, Чешка, Франција, Јапонија, Германија, Полска и Литванија.
Во музејот беа поставени и две изложби. „Проект Украина: Доживување на војната“, електронска изложба со виртуелна реалност и „Поштенска картичка од Украина“, изложба на фотографии.
Беше промовирана и книгата „Украина – години на хероизмот“ од Џабир Дерала.
Настанот се пренесуваше во живо на медиумската платформа на ЦИВИЛ, на Фејбук профилот и Јутуб видео каналот на организацијата.
Претседателот Стево Пендаровски: Целосна поддршка за Украина слободно да го избере патот по кој ќе чекори во иднина
– За жал, денес, бруталната агресија врз оваа наша пријателска држава од страна на режимот на Путин навлегува во третата година, а загубите во човечки животи, страдањата на милиони луѓе низ целата земја, девастирачките последици и разрушувањата не се намалуваат, истакна претседателот Пендаровски.
„За овие две години сме сведоци на сета нечовечност на еден режим отсечен од реалноста, кој како да е излезен од најтемните времиња на европската историја од минатиот век, во целосен расчекор со реалноста на 21 век. Таа персонална диктатура се обидува, не само да наметне ревизија на историјата, туку и да ги промени границите во Европа, во спротивност на сите меѓународно-правни договори кои ги гарантираат мирот, стабилноста и безбедноста на континентот по крајот на Втората светска војна“, нагласи Пендаровски.
Украинската амбасадорка Лариса Дир: Украина апелира до партнерите да ја зајакнат одбранбената поддршка
– 2 години се 731 ден исполнети со борба, потфат, отпор, гранатирање, ракетен терор, ѕверства и мачења од Русите, болка, очај, како и помош од партнерите, надеж, истакна амбасадорката Дир.
„Неказнувањето на Кремљ за злосторствата извршени во Буча, Ирпин, Мариупол, Изум и Авдиивка само предизвикува дополнителни злосторства.
Украина апелира до партнерите да ја зајакнат одбранбената поддршка – ни треба оружје, заедничко производство на оружје за одбрана;
Треба да ги прошириме одбранбените коалиции за да обезбедиме безбедност;
Неопходно е да се зајакнат санкциите против руската федерација и да се спроведат, особено, за да нема индиректно финансирање на производството на ракети кои летаат над главите на Украинците и ја палат украинската земја“, потенцира Дир.
Премиерот Талат Џафери: Ние како Северна Македонија и како народи кои живеат тука со векови точно знаеме што значи да се бориш за слобода
– Северна Македонија цврсто стоеше покрај Украина и ќе продолжи да стои додека тоа е потребно. Но, ние како Северна Македонија и како народи кои живеат тука со векови точно знаеме што значи да се бориш за слобода. Точно знаеме што значи да си на правата страна на историјата, затоа се приклучивме кон санкциите и надворешната безбедносна политика на Европската Унија, рече премиерот Џафери.
Нашата поддршка кон Украина и украинскиот народ ќе продолжи да биде во нашиот фокус, истакна Џафери.
Вицепремиерот Бојан Маричиќ: Македонскиот народ останува заедно со украинскиот народ на патот до мирот, безбедноста, демократијата и членството во ЕУ
– Не постои поинаков и поисправен одговор за бруталната воена агресија што ја спроведува тоталитарната политика на Путин, од оној што Украина го дава веќе две години, со поддршка од демократските земји во светот, рече Маричиќ.
„Рускиот напад на Украина е напад на европските вредности и затоа за нас беше лесно да се избере страна и меѓу првите, стопроцентно (100%) да се усогласиме со надворешната политика на Европската Унија и НАТО“, истакна Маричиќ.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи: Две години на херојство на украинскиот народ и раководството на Украина
– Ова се две години на издржливост и отпорност и сакам во оваа прилика да оддадам посебна почит кон храбрите украински војници кои војуваат на боиштата, но и на украинските цивили коишто на најдобар можен начин ги бранат своите домови и домовите на најблиските. Сакам да оддадам почит и кон загинатите и нивните семејства, истакна Османи.
-Северна Македонија останува да ја поддржи Украина се додека е потребно, изјави Османи.
Вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска: Битката за мирот е подалекусежна, таа е и за правото, правдата и демократијата
– Украинците две години му покажуваат на светот дека битката за мирот е и подалекусежна борба, таа е борба за владеење на правото и правдата, а функционалната демократија е браникот од владеењето на деструктивните режимите со акумулирана моќ, истакна вицепремиерката Грковска
„Изминаа две години од бруталната агресија на Русија врз Украина. Денес сме тука да им дадеме поддршка, да им одадеме признание за нивниот непокор. Украинците во овие две години му покажуваат на светот дека битката за мирот, е подалекусежна борба, таа е битка за правото и правдата. Оваа војна уште еднаш покажа дека режим кој убива за да опстои, режим во кој владеат тесните интереси на малкумина, по цена на животите и на својот и друг народ, најмногу е против демократијата и владеењето на правото. Оваа лекција не потсетува колку е важна функционалната демократија.“. истакна Грковска.
Јован Андоновски, заменик омбудсман на Република Северна Македонија: Ме радува фактот што украинците и после толку поминато време не го изгубиле ентузијазмот да се борат со окупаторот
– Првиот момент кога за време на моите студии имав прилика да го посетам логорот во Аушвиц, нешто што после толку години поттикнува морници. И второто нешто е посетата на Украина пролетта 2022 година неколку месеци после започнувањето на руската агресија врз Украина. Бев сведок на она што руската војска заедно со нивните сојузници го сториле како злосторство. Слики кои што никогаш нема да ги заборавам затоа што крвавите траги кои беа по улиците сведочеа за злосторствата кои што беа сторени таму. Разурнати домови, уништени судбини, убиени луѓе, исчезнати луѓе, злосторства кои верувам дека нема да останат неказнети, рече Андоновски.
„За време на втората посета ме радува фактот што украинците и после толку поминато време не го изгубиле ентузијазмот да се борат со окупаторот и да ја зачуваат независноста и суевереноста на својата татковина“, истакна Андоновски.
Пратеничката од македонскиот парламент Арта Биљали – Зендели: Светла точка на сите овие трагични моменти е куражот на украинскиот народ да се борат за нивната слобода
– Овој настан одбележува две години од опстанокот на еден храбар народ, украински народ, рече Зенедели.
„Ние можеме да разбираме и да размислиме колку само вреди една солза на еден родител, на едно дете, за нивните изгубени семејства и за невните изгубени домови кој што носат многу мемории за нив. „За две години се случи инвазија, која што освен инвазија подразбира и кршење на меѓународното право и демократските вредности на современиот свет“, истакна Зендели.
Амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир: Поддршката на ЕУ за Украина останува цврста и непоколеблива
„ЕУ презеде два значајни чекори: иницирање преговори за пристапување на Украина и обврзување да обезбеди финансиска помош од 50 милијарди евра. Наша искрена надеж е дека поддршката на ЕУ за Украина останува цврста и непоколеблива.“, истакна евроамбасадорот Гир.
Американската амбасадорка Ангела Агелер: САД даваат клучна поддршка за Украина преку политичка, финансиска и воено-техничка помош
„САД даваат клучна поддршка за Украина преку политичка, финансиска и воено-техничка помош, вклучително и обука за украинските војници на американска територија.
Во 2023 година, Соединетите Држави придонесоа дарежлива помош од 15,87 милијарди американски долари за Украина, гест што длабоко го цени украинскиот народ.“, истакна амбасадорката Агелер.
Амбасада на Обединето Кралство, вршителката на работите Џулија Смит: Отпорноста и цврстината на народот и вооружените сили на Украина се инспирација за сите членови на слободниот свет
– Придонесот на Британија е толку значаен и разновиден што станува предизвик да се разликуваат најважните аспекти – било да е тоа во воздушната одбрана, радарската технологија или напредните системи за спротивставување на беспилотни летала и ракети, истакна Смит.
„Целта на билатералната одбранбена соработка е да се зајакне воздушната одбрана и да се прошират можностите на вооружените сили на Украина со долг дострел.
Договорот за историските безбедносни гаранции со Велика Британија претставува значаен чекор, нудејќи воена помош од 2,5 милијарди фунти. Како дел од Коалицијата, Британија ќе обезбеди неколку илјади беспилотни летала во вредност од 200 милиони фунти за подобрување на можностите на Украина.“, истакна Смит.
Aмбасадорот на Република Чешка Јарослав Лудва: Две години се долго време, време на маки и болка, но нема компромис помеѓу доброто и злото.
„Чешката Република им се придружи на 14 други земји во потпишувањето на Договорот за формирање нова коалиција која ќе се фокусира на интегрираните воздушни и ракетни одбранбени способности. Таквата соработка ќе ја зголеми ефикасноста на Украина на првите линии и ќе ја подобри заштитата на цивилите од руските воздушни напади. Чешката Република моментално е во преговори со Германија за набавка на дополнителни 15 Leopard 2A4 како дел од компензацијата за воената помош обезбедена за Украина“, истакна Лудва.
– Пораката која ќе ја упатам е кратка и силна. Две години се долго време. Време на маки и болка. Уморни сме не сакаме повеќе војна. Но нема компромис помеѓу доброто и злото. Не постои компромис помеѓу вистината и лагата и треба да сме свесни за тоа. Ние знаеме кој е окупаторот, изјави амбасадорот Лудва.
Амбасадорот на Албанија, Фатос Река: Албанија дава силна поддршка на Украина
„Албанија дава политичка поддршка за Украина, соработувајќи во рамките на меѓународните организации. Дополнително, Албанија обезбедува хуманитарна помош, вклучително и гостопримство на Украинци кои се принудени да ја напуштат својата земја поради руската воена агресија.“, истакна Река.
Сирил Бомгартнер, амбасадор на Република Франција: Ја славиме храброста на украинскиот народ и на неговите лидери
Ова треба да бидат моменти на среќа, но ова не е, ова е тажен момент, две години откако Украина беше нападната неправедно. Војна која предизвика патење, уништување и најразлични видови кривични дела кои што се навреда на човештвото, правдата и кои што не смеат да бидат не казнети, рече Бомбгартнер.
„Веќе две години цел еден народ дава отпор. Овој отпор е за поздрав. Наоѓаат сила и храброст во чувството за правда. Ја славиме храброста на украинскиот народ и на неговите лидери. Сметаме дека не смееме да дозволиме рускиот режим да победи во оваа војна, мораме да победиме поради самата Украина“, истакна амбасадорот Бомгартнер.
Пјотр Висоцки, заменик амбасадор на Република Полска: Ние сме свесни дека тие се борат и за нашата слобода
– Она што овде сведочиме е она што Русија го направи бидејќи се обиде да го смени светскиот поредок и тоа беше еден предизвик кој што ги пречекори основините принципи на човештвото. Полска уште од првиот ден пружа воена и хуманитарна помош на Украина, изјави Висоцки.
„Продолжуваме да обезбедуваме помош за Украина се додека не се постигне победа над рускиот агресор. Денес, две години од инвазијата, можеме да видиме дека војната навлегува во својата критична фаза. И покрај сите предизвици со кои што се соочува Украина на форнтовите треба да се сетиме на ова: Украина ја сопре руксата воена машинерија, Украина врати 50 отсто од својата територија. А, треба да се сетиме и руските воени злосторства кои започнаа уште од првиот ден. Ние сме свесни дека тие се борат и за нашата слобода“, истакна Висоцки.
Амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон-Јаин: Шведска ќе продолжи со помошта кон Украина, вашата кауза е и наша кауза
„Шведска дава безрезервна поддршка на битката на Украина за враќање на мирот и демократските вредности како и нејзиното членство во Европската унија, истакна амбасадорката Ларсон-Јаин.
„Живеевме тешки времиња, Шведска ќе продолжи со помошта кон Украина, бидејќи вашата кауза е и наша кауза.“, заклучи таа.
Амбасадорот на Јапонија, Казуја Оцука: Руските напади врз болниците, школите, критичната инфраструктура не само што ги уништуваат животите на украинците, туку и се закануваат на нивната иднина
– Во осуда на рускиот напад врз Украина кои ги прекршува меѓународните закони и повелбата на ОН, амбасадорот истакна дека територијата и суверенитетот на Украина мора да бидате почитувани, Секој обид унилатерално да се смени статус-квото со сила не смее да биде признаен никаде во светот, рече амбасадорот Оцука.
„Многу граѓани го изгубија својот живот во Украина, или беа ранети, руските напади врз болниците, школите , критичната инфраструктура не само што ги уништува животите на украинците, туку и се закануваат на нивната иднина“, нагласи јапонскиот амбасадор.
В.Д амбaсадорот на Германија, Ото Граф: Кога Русија ќе ги повлече своите трупи тогаш ќе прекине војната и веруваме дека во тој момент меѓународното право ќе стапи на сила
– Поминаа две години од руската инвазија врз Украина. Оваа војна не е само напад врз една земја туку врз нашите заеднички вредности и европската безбедност, изјави амбасадорот Граф.
Тој потенцираше и дека Украина покажа импресивна мудрост во оваа војна.
„Ние продолжуваме да ја поддржуваме во нејзините напори за одбрана. Во 2024 Германија ќе ја помогне Украина со 7.1 милијарди евра. Поддршка за Украина не е само фраза, туку и реална помош од страна на Германија на Украина. Соработката на Германија и Украина се гради за да трае долго време и ќе трае се додека Русија не ги повлече своите трупи и дури тогаш ќе прекине војната и веруваме дека во тој момент меѓународното право ќе стапи на сила“, потенцираше германскиот амбасадор Ото Граф.
Литванската амбасадорка Вилма Дамбраускиене: Украина мора да си го одбере правото за својата иднина
-Литванија знае која е цената на слободата – повеќе од 50 години советска окупација, масовни депортации, ограничување на човекови права, но не успеаја да ја загушат желбата за слобода, истакна Дамбраускиене.
„Ние одбележуваме десет години од руската агресија врз Украина, агресија која што се претвори во целосна војна, војна која што имаше за цел целосно да ја уништи Украина. Историски гледано Украина секогаш била горда, непокорна, љубител на мир и секогаш непокорна кон Русија. Литванија заедно со нашите балтички и нордиските партнери сме први заложници Украина да си го одбере правото за својата иднина, изјави Дамбраускиене.
Преземено: Цивил Медиа