Пишува: ТИНА ИВАНОВА
Скопје е мојот град. Што ми значи тоа „мојот“?
Па, тука сум родена. Тука се родени моите родители, моите баба и дедо. Тука учев. Овде ми се случи првата љубов. Тука стекнав многу пријателства кои траат. Во овој град се вработив на неколку места. По семејството и образованието, излегувањата во бројните скопски кафулиња со различно убави содржини, беа мојата втора животна лекција. Градот ми ја пружи и онаа уличната светлина. Улично културната, всушност. Бројните посети на концерти, театарски претстави, кино, фестивали, манифестации, ме изградија во личност со урбано познавање за културата, на општата и на локалната.
Затоа што наизуст ги знам неговите звуци
Скопје е мој град, затоа што ги знам улиците напамет. Посебно оние во Центар и Дебар Маало. Сите нивни скришни местенца, премините меѓу зградите кои, маалските и квартните локалци ги користат за пократок пат, осамените клупи на кои често седнувам и размислувам, знам на која тезга на Буњаковец, Зелен пазар или Бит-пазар има најевтини домати, пиперки, сирење, ореви.
Скопје е мој град, затоа што наизуст ги знам неговите звуци кои се менуваат во зависност од годишното време.
Пазарите се еден посебен белег на градот, токму онакви места како што е рајот опишан – мешавина од најпрекрасни бои и мириси што природата нѝ ги дарила, измиксани со менталитетот на народот. Таму ќе се изнаслушате сè и сешто, од политика – до економија, светска и наша. Тоа е инспирација за да се напишат многу траги-комични романи.
Скопје е мој град, затоа што наизуст ги знам неговите звуци кои се менуваат во зависност од годишното време. Има континуиран џагор, често во форте фортисимо, ретко во динамика пијано. Какофонија од нејасен говор на групи потпијанети млади во 4 наутро, звуци на мотори кои се тркаат по „Партизанска“. Брмчала што вознемируваат до паничен напад, потоа толку различна музика која ечи низ отворените прозорци на автомобилите, до постојани лаежи на кучиња и мјаукања на мачки, камиони кои истовараат нешто, бор машини за време на викенд, косилици за трева, гласни довикувања од чистачите на улици, „песните“ на „Старокупуем“, милозвучните црцорења на птиците кои особено се истакнаа за време на полициските часови во периодот на Корона, инаку се загушени од градската врева, соседи кои се расправаат за паркинг место, џагорот на децата кои за време на училишен одмор купуваат доручек од локалните пекари, или оној од нивните групни игри, ѕвончиња на велосипеди кои ѕвецкаат кога некој им ја узурпира нивната патека, молитвите од црквите и џамиите пуштени на разглас…
Скопје најчесто се поистоветува со мирисот на липите, чии листови имаат облик на срце.
Ги чувствувам и мирисите на Скопје дури и кога спијам, па дури и кога сум надвор од градот, како носталгија кон која секогаш сакам да се вратам, колку и на некој да му звучи чудно. Запршка, ајвар, печени пиперки, разни цвеќиња, свежо искосена трева, па и смрадот од отворените контејнери, мириси чиј интензитет се намалува или засилува од лето до зима во зависност од тоа дали се прозорците на домовите отворени или не. Ама, Скопје најчесто се поистоветува со мирисот на липите, чии листови имаат облик на срце. Можеби не е тоа случајно, затоа што Скопје, па колку сакате кажете дека е грд, всушност, огрден и загаден, има големо срце. Иако, во последниве години го зафатија разни коронарни заболувања, тоа сè уште чука во ритамот на чалгијата и шлагерот.
На 20 септември 2023, нашата т.н. метропола беше избрана да ја носи престижната титула Европска престолнина на културата во 2028 година, заедно со уште два града – Чешке Будјејовице од Репубика Чешка и Бурж од Франција. Оваа титула, треба да му донесе на Скопје значителни економски и туристички придобивки. Секоја година, од 13 јуни 1985, мојот датум на раѓање, но не и годината, барем по еден европски град ја искористил за преобразба или засилување на својата културна база, а својот културен живот и своето културно-историско наследство да го покаже во најдоброто светло. Само за потсетување, предлогот, првично, беше на Мелина Меркури, тогашната министерка за култура на Грција, а и Атина беше првиот град, а идејата е во целата година кога градот ќе ја добие таа титула и таквата обврска, да се одржуваат различни културни манифестации и богата уметничка програма. Целта е да се зајакне европската интеграција и од тогаш, оваа иницијатива има силно културно-економско влијание врз многубројните посетители кои ги посетуваат тие градови. Од 1999 Европскиот главен град на културата е финансиран преку програмата „Култура 2000“ со одлука на Европскиот парламент, сè до 2004-та кога Европските престолнини на културата се бирани на основа на меѓувладини договори на земјите на ЕУ.
Културата е инструмент за трансформација на градот, кој треба да стане динамичен и атрактивен центар.
Всушност, оваа титула на Скопје треба да му донесе импресивен финансиски влог, како што тоа се случуваше со другите избрани европски престолнини. Велат, културата го движи туризмот исто како морето и времето. Таа е еден вид на катализатор или оска околу која се собираат останатите услужни сектори и со нејзина помош, тие растат. Културата е инструмент за трансформација на градот, кој треба да стане динамичен и атрактивен центар. Во Скопје, во период од четири години, не треба да се вложува само во материјалната инфраструктура, туку и во образовните вештини под кои се подразбира секаков вид на уметничко делување и менаџирање со институциите во културата. Оваа програма всушност, е средство да се сочува, да се прегрне разноликоста на градот, да стане автономна културна нива за понатамошен квалитативен растеж. На меѓународно, ама пред сè, на локално ниво. Да ја промовира сопствената територијална историја, наместо националната стратегија.
До каде сме и до каде можеме да стасаме
Скопје, на пример, ја нема повеќе „Стотројка“, тоа култно радио кое беше збиралиште на културни работници, интелектуалци и имаше силно влијание врз обликување на критичката свест кај слушателите, со што се создаваше и каква-таква, критична маса. Сега Скопје, нема критична маса, оти нема каде да се обликува. Истото се однесува и на „коцка“, која своевремено беше место за средби на скопските андерграунд ликови кои заносно дебатираа за општествените промени, како што беа и „Арарат“ и „Мондријан“ во Старата скопска чаршија, ,,Безистен” или ,,Галерија” и уште многу други локали. Скопје имаше и таков плоштад, по кој се газеше на коцка како во еропските градови, која дава чувство на метропола, а во чија средина имаше „кружен тек“ со зеленило околу кој се собираше младината, често со книги во рацете. Да не ги заборавиме и антикварниците со книги, кои исто така беа места со културна содржина – се случуваа поетски читања и промоции на книги, на пример. Имаше и прекрасни „свирки“ на отворено, токму на плоштадот. Скопје го имаше Домот на АРМ, каде што беше сместена Македонската филхармонија и беше центар за културни настани. Совршено архитектонско здание во срцето на градот, кое сега е „куќа на духови“. Ги имаше и кината „Вардар“ или „Култура“, а да се биде во Драмски театар беше „ин“, не само за да гледате претстави, туку и со часови да дебатирате за културните содржини, заедно со актерите и сите останати културни работници.
Ги нема повеќе ревискиот оркестар, Биг-Бендот, Камерниот, Хорот
Од Скопје исчезнаа и списанија за култура и, со појавата на т.н. плурализам, ги снема и многутедневни и периодични весници кои ја негуваа културата на највисоко квалитативно ниво, преполни со рецензии, критики, чии автори се тркаа како на маратон кој прв ќе напише текст за одреден уметнички производ, кој пак, се чекаше со нетрпение да излезе, да се чита и да се зборува за тоа. Радијата имаа програма за пофалба, додека националниот сервис Македонската радио-телевизија ветуваше програма како на италијанската „РАИ“. Денес, оваа грамада е уште еден запуштен објект без содржина, кој најсоодветно би било да се озвучи со „Музика за гудачи, перкусии и челеста“ од Бела Барток искористена и во филмот „Сјаење“ на Кјубрик. Таму ги нема повеќе ревискиот оркестар, Биг-Бендот, Камерниот оркестар, Хорот, односно ансамблите и уметниците кои ќе ја создаваа целосната уметничка програмска политика на куќата на ниво на останатите европски телевизиски куќи, промовирајќи ја својата автентична културно-забавна содржина. Голем дел од манифестациите исто така, го немаат оној квалитативен континуитет којшто го негуваа во минатото, како „Скопско лето“, на пример.
За среќа, тука сè уште Камениот мост или Калето
Скопје го има можеби најубавиот Градски парк на светот, исто така прекрасно место за културни содржини, чија ,,Школка” претрпе разни дизајнерски трансформации, последната е со ликот на Мајка Тереза во некаква чудна димензија, потоа фонтаната која сега зјае празна, без вода и парички за желба, таа скопска „Фонтана ди Треви“, споменикот на мечката кој е репер за носталгија и локација, оној најистакнатиот на Гоце Делчев, кафеаната „Езерце“… Градскиот трговски центар, пак, беше токму таков, како што му е и името – градски, чиј втор и трет спрат, да беше Хичкок жив, сега ќе беа за него соодветни места за снимање на своите филмови. Или, култните „Рекорд“ и „Форум“, места кои скопјани ги изгласаа, во една неодамнешна анкета, како локации по кои го паметат градот. За среќа, сè уште се тука Камениот мост или Калето и Старата скопска чаршија (на која и тоа како и треба обнова, се разбира во истиот дух) како најпрепознатливи архитектонски објекти кои означуваат важни историски периоди на градот, а ги имаше на сите разгледници и фотографии. И уште многу други препознатливи објекти за Скопје, меѓу нив и трите хотели на пример, „Јадран“, „Бристол“ и „Водно“, сите три денес сосема напуштени, кои на градот му даваа неверојатен и уникатен израз. Шарм кој може само да се доживее, не и да се прераскажува. Скопје нема ниту Железничка станица, нема возови кои градот ќе го поврзат со културните содржини на останатите градови или земји.
Се разбира, не е ова некое носталгично жалење, бидејќи секое време носи сопствени приказни, но ние денес немаме културна обнова. А, секој објект кој е белег на градот, може и треба да биде и културен објект, покрај институциите. Но, и голем дел од културните институции пропаѓаат. Почнувајќи од распаднатите тоалети, без основни можности за хигиена, до расклатената сценска техника, аудио и видео опремата, механизацијата, па сè до уметничките содржини. Скопје денес нема сериозна концертна сала, а има понуди за концерти како во сите светски културни центри. Скопје нема уште една галерија за модерна уметност за која идеален простор можеби би била атрактивната локација – шалтер салата на некогашна „Пошта“. Скопје го има Младинскиот културен центар кој е исто така во распаѓање, без основни услови за реализација на културно-уметничка, научна и едукативна програма, еден од главните стожери на градот кој треба да биде собиралиште каде ќе се развиваат вистинските културолошки вредности низ кои ќе се калемат идните генерации. Одамна пропаѓа и зградата на Операта и Балетот, која е како некој стар Ролс-Ројс, неодржуван и чуван со церада во гаража. Во некои институции нема ниту греење и ладење, ниту соодветна расветла. Едноставно, Скопје изгради нови објекти, а старите ги запушти. Тоа се случи со Универзална сала, којашто, ако имаме среќа, како што се најавува, ќе биде соодветно реновирана. А, сето тоа ме потсетува на онаа познатата, „не можете да градите среќа, врз туѓа несреќа“.
Јавните простори би ја поттикнале креативноста
Но, што ќе се случи всушност, ако запуштените простори се претворат во културни објекти? Ако се направи модернизација на веќе постоечките капацитети? Ќе им се даде на уметниците, на културните организации слобода да ги искористат своите можности – таленти, креативност и имагинација. Така ќе се развиваат, покрај институциите и неформалните културни иницијативи, што е особено значајно за младите, затоа што нели, иднината на нив останува, а само тие можат да ја понудат енергијата и ентузијазмот и образованието на нивното време, кои се битни за следењето на европските чекори во сферата на културата. Искористувањето на јавните простори всушност, ќе ја поттикнат креативноста и ќе создадат природни културни збиралишта. Неодамна, еден странски виолинист, разгледувајќи го градот, ги загледа бродовите во Вардар и праша каква функција тие имаат. Одговорот е познат, тие немаат никаква функција, освен што еден од нив е хотел и ресторан. Токму тоа ја наметна и дилемата, зошто да не прераснат во уметнички галерии, на пример. И кичот, ако веќе се дефинирани овие објекти како такви, може да прерасне во фантастично уметничко дело, или во случајов, објект кој ќе биде корисен за сите граѓани на Скопје. Само така, ќе се интегрира културата во нивниот животен стил.
Пред Скопје е предизвикот да се трансформира во своевидна културна олимпијада
Голема е веројатноста Скопје за четири години да ја создаде неопходната културна обнова. Пред Скопје е предизвикот да се трансформира во своевидна културна олимпијада. Се разбира, за тоа е потребен драстично зголемен буџет, најмногу за културните настани и програми. Но, за таа битка да донесе добро, нашиот главен град ќе треба бргу да создаде амбиент во кој секојдневието на секој граѓанин ќе биде збогатено со соодветни културни содржини. Да изгради и да реновира неопходна инфраструктура. Секако, има уште многу да се зборува и да се пишува за неопходните оперативни зафати на градот којшто денес, покрај коронарните заболувања, практично е во напредна фаза на канцер.
Но, ајде малку оптимизам, наспроти општата апатија. Ајде да се фатиме за работа. На Скопје итно му треба акција, почеток на негово културно разубавување за кое ќе биде заслужен секој од нас. Ние, неговите граѓани ќе треба да можеме да кажеме дека Скопје е наш град, дека се гордееме со него и дека го заслужува епитетот град на културата.
Затоа што, Скопје е вечно. Да го направиме Скопје 2028 – скопска културна олимпијада. Градот убав, пак да никне!