На двојните избори – претседателски и парламентарни иако на моменти имало црна кампања, сепак изборната реторика се одвивала во границите на очекуваното, ценат политички аналитичари за „Фронтлајн“. Според нив, темата на ЕУ-интеграциите и уставните измени се единствениот можен пат за напредок на државата на патот кон ЕУ, и оттаму, наведуваaт дека, природно е таа тема да биде носечка на изборна кампања, но во одредени случај премногу се форсираше.
– Темата на иднината на ЕУ-интеграциите реално е најголема тема со која се соочуваме во моментов како држава, уставните измени се единствениот можен пат за напредок во ЕУ интеграциите. Оттаму природно е таа тема да биде носечка т.е. главна во овие избори. Имам впечаток дека на СДСМ во 2024 не му успева тоа што му успеа на Заев во 2020, да ги убеди своите потенцијални гласачи уште еднаш да им поверуваат. Сепак 7 години власт е доволен период за конкретни резултати во однос на владеењето на правото и корупцијата. ВМРО-ДПМНЕ имаше солидна кампања која се фокусира на неуспесите на СДСМ во однос на темите „правда и мир“ – централни за гласачот на СДСМ. Тука е и „пинг-понг“ националистичките ноти на ВМРО и ДУИ кои само помогнаа да се одвлече кампањата од темата ЕУ интеграции, се разбира ВМРО и ДУИ профитираат од таквиот развој на кампањата, вели за „Фронтлајн“, Бесим Небиу – политички аналитичар.
Тој очекува резултатите од првиот круг на претседателските избори одржани на 24 април во голема мерка да се преливаат.
– Очекувам и поголем број на гласачи да излезат во споредба со 24 април, но мислам дека во главно нивниот ефект нема да биде толку драстичен во однос на дефинирање на победникот, туку повеќе да има влијание на комбинаториките за нова влада, истакна Небиу.
Новинарот и политички аналитичар Ацо Кабранов вели дека народот е изморен од чекањето со години пред портите на ЕУ, не сака да слуша за ветувања дека овој пат ќе успееме и затоа владеачките партии мислам дека погрешија со форсирање на темата ЕУ-интеграции.
-Очигледно дека народот е изморен од чекањето со години пред портите на ЕУ. Не сака да слуша за ветувањата дека овој пат ќе успееме и затоа владеачките партии мислам дека погрешија со форсирање на ЕУ-интеграцииите, дека само тие можат да нè внесат во европското друштво. Колку и да се во право требаше да внимаваат дека пренагласените пораки за ЕУ во кампањата имаа обратен ефект, граѓаните сакаат сега и одма поголеми плати, подостоинствен живот, неселективна правда…., анализира Кабранов за „Фронтлајн“.
Не дека во кампањата на опозицијата, додава нашиот соговорник, граѓаните ги препознаа нивните барања, „едноставно и овој пат гласаа да ја казнат власта“.
– Искрено не очекувам пресврт на 8 мај, на гласањето на вториот круг за претседател и на парламентарните избори, подвлече тој.
Ќенан Алиу – политички аналитичар оценува дека прашањето за евроинтеграциите и уставните измени, иако доминираа во изборната кампања, сепак овие теми биле максимално преувеличени од владеачките партии.
– Многу малку се зборуваше за економијата и благосостојбата на граѓаните и нивното подобрување. Евроинтеграциите се тема речиси две децении откако земјата доби кандидатски статус за ЕУ, а овој процес бара работа и реформи од секоја влада, овој процес не е само реторика ЗА и ПРОТИВ. Мислам дека државата ќе има претседател, меѓутоа резултатот за парламентарните избори очигледно ќе биде во корист на коалицијата на ВМРО ДПМНЕ, но ќе се земе со внимание и резултатот на партијата ЗНАМ на Димитриевски и Левица. Во меѓувреме, резултатот кај двата блока на партиите на Албанците ќе биде со тесни предности, изјави Алиу за „Фронтлајн“.
Силјановска Давкова се бори за прв, а Пендаровски за уште еден мандат
Кандидати за нов претседател на државата во вториот круг од претседателските избори се Гордана Силјановска Давкова, поддржана од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ. Гласањето е в среда на 8 мај, паралелно со парламентарните избори.
За претседател е избран кандидатот кој ќе добие мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од 40 проценти од избирачите. Доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добие потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка. Доколку биде исполнет цензусот и биде избран претседател на државата, неговата инаугурација треба да биде на 12 мај.
Граѓаните на 8 мај ќе можат само еднаш да одат на избирачкото место и да се изјаснат за двата вида избори или да гласаат само за претседателските или за парламентарните избори. Идентификацијата ќе се врши со т.н. фингерпринт апарати.
На 7 мај за претседателските избори гласаат иселениците, додека и за претседателските и за парламентарните избори гласаат болните и изнемоштените, затворениците, лицата во старските домови и две раселени лица. Гласањето во среда, на 8 мај, на 3480 избирачки места започнува во 7 часот а завршува во 19 часот. Резултатите од гласањето се очекува да бидат познати најдоцна до полноќ. Ова е вторпат Силјановска Давкова и Пендаровски да бидат противкандидати на избори за претседател на државата. На минатите претседателски избори во вториот круг од изборите победи Пендаровски.
Право на глас на вториот круг од претседателските избори имаат 1.814.317, а на парламентарните 1.815.350 избирачи
На 8 мај, на вториот круг од претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 избирачи, додека на парламентарните избори 1.815.350 избирачи. Разликата во гласовите е 1033, генерално поради граѓани кои стекнуваат полнолетство.
На претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 гласачи. Од нив, во изводите од Избирачкиот список за гласање во државата се запишани 1.713.758 избирачи.
Во посебните изводи од Избирачкиот список за лица кои поднеле пријава за гласање во дипломатско конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии се запишани 2.569 избирачи, а во затворите или во притвор 2.147 избирачи. Запишани се и 534 избирачи згрижени во установите за вон семејно згрижување, а во Избирачкиот список запишани се и две внатрешно раселени лица.
На парламентарните избори право на глас имаат 1.815.350 избирачи. Во изводите од Избирачкиот список за гласање запишани се 1.716.664 избирачи, додека во посебниот извод од Избирачкиот список за лицата кои согласно евиденцијата на надлежен орган се на привремена работа или престој во странство се запишани 96 010 избирачи. Гласање за парламентарните избори во дијаспората нема да се спроведе бидејќи немаше доволен број пријавени наши државјани.
На еден ден пред изборите, на 7 мај гласаат болните и изнемоштените чии пријави беа прифатени од општинските изборни комисии, како и затворениците и лицата во притвор чиј што број според посебниот извод во Избирачкиот список изнесува 2140, како и лицата во установи за вон семејна грижа – 534 избирачи и две внатрешно раселени лица.
Дестан Јонузи