Непосредните внатрепартиски избори за претседател на СДСМ се закажани на 30 јуни, а дел од членовите на партијата веќе јавно ги искажаа своите амбиции за преземање на партиското кормило. До сега има тројца официјално најавени кандидати за нов лидер на СДСМ и тоа: Јован Деспотовски, Славјанка Петровска и Венко Филипче.
Универзитетската професорка Ана Чупеска смета дека по внатрепартиските избори социјалдемократите има надеж за нивно силно враќање во политичката сцена.
– До нивните избори, верувам и тоа дека ќе случи, а потем им следи сериозен ресет и уште посериозен ангажман во правец да се ситуираат како одговорна опозиција, изјави Чупеска за „Фронтлајн“.
За избор на нов претседател на СДСМ, амбиции имаат пратеничката и досегашна министерка за одбрана Славјанка Петровска, актуелниот директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски и актуелниот пратеник и поранешен министер за здравство Венко Филипче.
Амбициите да стане прв човек на партијата, не ги крие ниту потпретседателот на СДСМ во оставка, Стефан Богоев.
Меѓу кандидатите од СДСМ за претседател се споменуваат и поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, а се спомнува и поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов.
Изборите за нов лидер следат откако Димитар Ковачевски, по изборниот пораз на 8 мај, потврди дека се повлекува од претседателската функција во партијата.
Претстојните внатрепартиски избори на СДСМ ќе бидат трети на кои претседателот на СДСМ ќе се бира со непосредно гласање на членството. По нивното воведување, првите се одржаа во март 2021 кога Зоран Заев доби нов мандат. Меѓутоа, за помалку од една година следуваа и вторите на кои победи Димитар Ковачевски откако Заев поднесе оставка по поразот на локалните избори во октомври во 2021 година.
Дестан Јонузи