Во прекрасна атмосфера, со интересни обраќања од промоторите Емилија Целакоска и Ванчо Орданоски и авторите Џабир Дерала и Валентин Нешовски, се одржа промоцијата на „Човекот, роботот и дигиталниот бог“ во рок бар Гарсон.
Идејата за ова дело произлегува од серијата дијалози објавени во рубриката TECH FRONT на Фронтлајн на почетокот на оваа година. Дијалозите се дополнети со нови, необјавени делови, како и сосема нови кратки есеи на темите поврзани со вештачката интелигенција. Авторите ја повикаа и вештачката интелигенција да креира голем број тематски илустрации, еден краток осврт за книгата и фиктивни, футуристички биографии.
Најголем дел од книгата е во форма на дијалози меѓу авторите на теми поврзани со напредокот и примената на вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз општеството, економијата, безбедноста, меѓучовечките односи и низа други аспекти.
Издавач на ова дело е Шорткат, компанија за филмска продукција, уметност и издаваштво. Може да се најде во книжарницата „Или-Или“, а наскоро и на други продажни места.