СДСМ, вчера на прес конференција на портпаролката Богданка Кузеска побара Мицкоски итно да го смени претседателот на собранието Африм Гаши.
Oткако не успеа да го заташка, МВР го потврди скандалот со пиштолџијата кој СДСМ и медиумите го обелоденија. Откако цел ден молчеа на денот на настанот, МВР вечерта мораше да информира за него што укажува на јасна интенција истиот да се сокрие, изјави денеска на прес-конференција портпаеролката на СДСМ Богданка Кузеска.
Како што истакна, ВМРО-ДПМНЕ побарало одговорност од извршителот, но не и од нарачателот.
-Тошковски удира по самарот и го штити својот коалициски партнер Африм Гаши, на сметка на неказнивост, самоволие и непочитување на македонските закони. За целосно расчистување на скандалот мора да има одговорност за коалицискиот партнер на Мицкоски, Африм Гаши. Според извештајот на МВР стои дека „Пријавениот С.С. бил испратен на Меѓународен Аеродром Скопје од страна на претседателот на Собрание“ и дека „Санкциите кон обезбедувачот и другите вработени во МВР, дел од обезбедувањето на Гаши се поради извршување незаконска наредба, вели Кузеска.
Со ова, според неа, се потврдува одговорноста кај Гаши дури и од страна на МВР.
-Прашуваме, зошто ништо не е преземено досега? Дали Мицкоски ќе излезе јавно да побара од него одговорност? Дали МВР ќе покрене постапка? Или решија да го пуштат низ вода обезбедувачот, на сметка да го заштитат нарачателот?, изјави Кузеска.
Побара премиерот Мицкоски итно да го смени Гаши од претседател на Собранието, за што СДСМ ќе му даде поддршка.
-Го повикуваме обивнителството да покрене постапка, а Мицкоски да излезе во јавноста и да побара од Гаши политичка одговорност. Овој случај не може да се смета за затворен додека сите инволвирани во него не понесат одговорност. Институциите се должни итно да започна постапки. На Мицкоски му порачуваме наместо да се нуди да биде ексорт на ВИП личности на скопскиот аеродром, да обезбеди почитување на правото кое него вади од уста. Нека го доведе Гаши до одговоност за случајот, истакна Кузеска на прес-конференција.
Во врска со изјвавата на Мицкоски дека имал информации за дестабилизација на државата од страна на политичка партија, Кузеска рече дека „премиер кој кажува дека има информации за нарушување на безбедносната состојба и мирот во земјата, а ништо не презема околу тоа е директен соучесник на евентуално сценарио“.
-Доколку тоа го прави само а да ги заплаши граѓаните и да манипулира со нивните чуства обидувајќи се да ја смени темата од скандалите кои ја пратат неговата влада, тогаш станува збор за човек кој му мисли лошо на својот народ. Секоја најава за дестабилзиација значи грч за граѓаните, грч за економијата, страв и тензија во општеството. Доколку тоа Мицкоски го прави без основа и без да преземе конкретни чекори, Мицкоски е тој што дестабилизира, оцени таа.
Побара Мицкоски неодложно да се произнесе прецизно по ова тврдење, претседателката Гордана Сиљановска Давкова да го свика Советот за безбедност ако е воопшто конституиран, а Обвинителството да покрене истрага и да го викне Мицкоски на сослушување.
Интерпалацијата за Претседателот на Собранието е анти НАТО експеримент, соопштуваат од коалицијата „Вреди“ (ВЛЕН)
„Како и во секој политички експеримент, така и во интерпелацијата за Претседателот на Собранието, Африм Гаши, има неопходни елементи. Потребен е мотив како аеродромскиот инцидент. Потоа, координирано се креира хистерија во јавноста. На фанфари се бара политичка одговорност. Се прави конструкција со обезбедувањето на Претседателот на Собранието. Левица е подносител на интерпелација, СДСМ е подржувач, а ДУИ бара алиби за јавно да влезе во ова друштво и од страничен подбуцнувач да ја преземе улогата на политички координатор“, соопштуваат од коалицијата ВЛЕН.
Оттаму велат дека целта е да се предизвика политички земјотрес.
„Сигурно не е одбрана на дипломатските односи со Косово, ниту Охридскиот Рамковен договор, туку целта е да се предизвика политички земјотрес. Зошто? За да се стави на тест владиното мнозинство и да некој да провери дали опозицијата може да најде заеднички интерес да делува здружено. Пратениците на ВЛЕН се подготвени да ја бранат честа на Албанскиот народ, стратешкото партнерство со САД и ЕУ вредностите. Клучната дилема е дали ДУИ до толку е исплашен од тоа што следи што е подготвен да се координира и со Левица само да не се зборува за криминалот на нивните поранешни функционери? Доаѓа време за вистината!“, се нагласува во соопштението на ВЛЕН.
ВМРО-ДПМНЕ без конкретен одговор на барање од СДСМ за смена на Гаши
„За разлика од времето на СДС кога немаше одговорност, сега во време на ВМРО-ДПМНЕ има експресна акција од институциите и никој не е поштеден. Одговорност има за секој кој се огрешил пред законот. Ја разбираме нервозата во СДС затоа што слични инциденти имало и во минатото кога тие биле власт, но тогаш се заташкувале и се молчело, за разлика од сега, кога им акција и одговорност за секого. Има разлика. Државата е управувана од луѓе кои работат за подобра иднина на народот, за разлика од СДС и ДУИ кои работеа за себе“, соопштуваат од центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.
На 1 август во ВИП-салонот на Меѓународниот аеродром Скопје додека претседателката на Косово поминувала на гранична контрола, во моментот кога било побарано да го остави телефонот да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнал вработениот во ТАВ, со цел таа да помине без скениран телефон и рачен багаж. Но, потоа, сепак, багажот бил вратен и поминал низ скенер.
Од кабинетот на Османи по настанот објавија дека обезбедувањето на Скопскиот аеродром се обидело да ѝ го земе личниот телефон на претседателката, што според нив е однесување „спротивно на меѓународните практики и Виенската конвенција за дипломатски односи“.
Операторот на скопскиот меѓународен аеродром ТАВ Македонија, пак, категорично ги отфрли наводите дека нивниот вработен од одделот за обезбедување се обидел да го одземе телефонот на косовската претседателка. -Телефонот и беше побаран со цел да се подложи на задолжителен безбедносен скрининг преку уредот за рентген. Согласно Документот 30 (Doc.30) на ECAC и Националната програма за безбедност на цивилното воздухопловство, сите патници, кабински багаж и нивните лични предмети со кои патуваат на комерцијален лет, како во овој пример, се предмет на безбедносен преглед. Доколку не сме усогласени со овие правила, пилотот на летот ќе го одбие влегувањето во авион на патникот, посочија тогаш од ТАВ Македонија.
Премиерите на двете земји Христијан Мицкоски и Албин Курти, по средбата во Скопје, порачаа дека инцидентот на скопскиот аеродром, поврзан со косовската претседателка Вјоса Османи нема да ги наруши дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Косово. Косовскиот премиер Курти, изрази очекување дека официјалниот извештај по соодветната истрага во целост и во детали ќе го расветли инцидентот што се случи на 1 август во ВИП-салонот на Скопскиот аеродром со претседателката Османи за, како што нагласи „да разбереме што точно се случило и никогаш повеќе да не ни се повторат вакви ситуации“. Мицкоски, пак, изрази уверување дека додека е тој премиер „не постојат луѓе кои што ќе бидат над законот“, и ако се утврди пречекорување во своите надлежности лицето ќе биде изведено пред правдата. Во меѓувреме, од МВР информираа дека е поднесена кривична пријава и отстранување од работното место за полицискиот службеник – началник на Одделение за лично обезбедување на претседател на Собрание.
Кабинетот на косовската претседателка Вјоса Османи, соопшти дека е „за жалење“ начинот на кој беше разрешен инцидентот на скопскиот аеродром на вчерашната прес-конференција на двајцата премиери, бидејќи, како што оценува „уште повеќе придонесе за пропагандата против Република Косово“.
Она што се случи на аеродромот во Скопје, според кабинетот на Османи е „јасно прекршување на меѓународните правила признати и применувани во светот“ и посочува дека очекува да биде известено за преземените мерки.
Во соопштението објавено на Фејсбук профилот на косовската претседателка, се вели дека „Претседателката на Република Косово никогаш не побарала да се пречекоруваат или прекршуваат процедурите, туку да се почитуваат меѓународните правила, како што тоа се прави во целиот свет“ и се наведуваат повеќето земји што таа ги посетила во нејзиниот мандат.
Османи, се вели со соопштението, бара почитување на државата што ја претставува, односно Република Косово и ќе продолжи да го прави тоа одлучно во согласност со меѓународните правила и принципи кои ги регулираат односите меѓу државите.
J. Ѓ.