На итна седница вчера, Судскиот совет донесе одлука да се формира Комисија што ќе ја констатира фактичката состојба по однос донесените одлуки од страна на Основниот кривичен суд Скопје, а поврзани со случајот на Блерим Рамадани, кој избега од куќен притвор додека во тек беше екстрадициона постапка. Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека прашањето, кое сериозно треба да се разгледа во овој случај е зошто е одлучено Рамадани да биде во домашен притвор и додаде дека токму поради ваквите случувања во правосудството довербата во него е мошне мала. Опозициската СДСМ, пак, одговорноста ја бара кај МВР и министерот Панче Тошковски и смета дека тие „несмасно спинуваат дека судот е крив“.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, вчера на почетокот на 495-та седница, изјави дека формално за ништо од овој случај не е известена, но дека Судскиот совет има должност да реагира по допрен глас.
-Сметам за потребно како прв човек на Судскиот совет дека треба да се формира комисија и час поскоро да се констатира фактичката состојба по однос на ова и пред јавноста да излеземе со конкретни податоци. Има нешто, се случувало. Виновен е Судот, не е виновен и да не прејудицираме. Реакцијата на Судскиот совет во овој момент согласно неговата надлежност е таа, да ја испита состојбата, изјави Дамева.
Комисијата е во состав од координаторот на Основниот кривичен суд Скопје, судијата Александар Камбовски, заменик претседателот на Судскиот совет Ханиф Зендели и членот на Судскиот совет Павлина Црвенковска.
Министерот за правда Игор Филков, пак, смета дека одлуката на судијата Пајазит Пајазити кој мерката „притвор“ за Рамадани ја преиначил во „домашен притвор“, е неразбирлива и не е во согласност со досегашната пракса. Тој смета и дека Судскиот совет требал веднаш да го отвори прашањето за случајот со Рамадани.
-Очекував да бидат разгледани сите докази, аргументи и факти за одлуката на судијата Пајазит Пајазити. И секако, доколку бидат утврдени какви било неправилности и недоследности во постапката и процедурата или пак бидат утврдени влијанија при носење на судската одлука, истиот да биде санкциониран и разрешен од функцијата. Го повикувам Судскиот совет да одржи вонредна седница на која би се разгледало и ова прашање со цел во иднина да не ни се повторат исти или слични ситуации, изјави Филков за Канал 5.
Политичките партии со меѓусебни обвинувања за тоа кој е виновен за бегството од куќен притвор на поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани од Косово, кој минатиот месец беше уапсен на косовско-македонската граница врз основа на потерница од Интерпол издадена на барање од Србија.
Рамадани е на Косово, тоа е најголем доказ дека е пуштен од МВР и Тошковски, велат од СДСМ
„Додека Тошковски и МВР се обидуваат несмасно да спинуваат дека судот е крив за бегството на Блерим Рамадани, тој веќе е на Косово. Има ли поголем доказ дека тој е намерно пуштен од МВР и Тошковски, што само за еден ден по бегството човекот е удобно дома па уште стигаат јасни пораки од Косово дека е таму? Кого се обидуваат да залажат институциите дека ова не е целосно сценарио за ослободување реализиран од МВР? Кој ќе сноси одговорност за бегството на човек баран со меѓународна потерница?
СДСМ прашува до кога Тошковски ќе биде министер?
„Човекот шест месеци ја води институцијата МВР а безбедноста се влоши во секој сегмент. Имаме шест убиства или обиди за убиства од кои само едно е расчистено, имаме секојдневни грабежи сред бел ден без разрешница, се случува тотален хаос со пожарите додека тој е координатор на Кризниот Штаб, но никој не знае што координира. Ваква неспособност не е забележана од ниеден министер досега и затоа мора итно да си оди од функцијата“, истакнуваат од СДСМ.
Министерот Тошковски побара „СДСМ да престане со празни обвинувања“
Министерот за внатрешни работи во објава на неговиот официјален фејсбук профил ги оцени како обид за добивање ситни политички поени и манипулација со јавноста обвинувањата на опозициската СДСМ на негова сметка за бегството на Блерим Рамадани, посочувајќи дека МВР во случајот направи се согласно закон и постапи максимално професионално.
Според него, со ваквите празни обвинувања, СДСМ само признава дека нивната некогашна власт ја оставила државата целосно руинирана, но, да се префрли вината за сѐ на новата влада, вели тој, е манипулација со јавноста.
Пандов контра соопштението од ВМРО-ДПМНЕ: За бегството на Рамадани ќе си прашате во МВР
Директорот на управата за извршување на санкции, Александар Пандов, на вчерашна прес-конференција, на прашањето за бегството на Блерим Рамадани од куќниот притвор, одговори дека нема таква информација и упати тоа да се виде со МВР.
– Тоа во Министерството за внатрешни работи треба да видите. Кај нас е затворено или притворено лице. Тоа се луѓе или се осомничени и се сместени во притворски одделенија или имаат полноправна пресуда и се упатени на одлежувње на затворска казна. Таквите лица се под МВР, рече тој.
Претходно ВМРО-ДПМНЕ реагираќи на соопштението од СДСМ, истакнаа: „СДСМ да каже каква врска има МВР со одлуката на Судот да го пушти Блерим Рамадани на куќен притвор“.
„СДС да каже каква врска има МВР со одлуката на Судот да го пушти Блерим Рамадани на куќен притвор. Да потсетиме дека истиот тој Суд е со под 2 проценти доверба. И во таа судско обвинителна дејност судии се Наќе Георгиев, човекот на Зоран Заев во судството кој призна поткуп, роднините на Али Ахмети и редица други криминалци кои се плашат од правдата“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на соопштението од СДСМ.
Од СДСМ побараа одговорност од министерот за внатрешни работи Тошковски.
– Панче Тошковски е големо разочарување на позицијата министер за внатрешни работи. Откако е дојден на оваа функција веќе повеќе од шест месеци, државата е претворена во Хотел Промаја, а криминлаците бегаат како ќе им текне, реагираа од СДСМ.
Косовско МНР: Пред да побегне, на Рамадани во Скопје му беше сменета мерката „домашен притвор“ со „притвор“
Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово соопшти дека од косовската амбасадата во Северна Македонија е информирано оти македонските власти ја смениле безбедносната мерка на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово, Блерим Рамадани од „куќен притвор“ во „притвор“ пред тој да избега од домашниот притвор кој го издржувал во куќата на негови роднини во Скопје, јави дописникот на МИА од Приштина.
Од косовското МНР за порталот „Газета експрес“ изјавија дека информацијата за промената на безбедносната мерка за Рамадани, кој беше уапсен врз основа на меѓународна потерница, ја дал неговиот адвокат.
Дачиќ бара објаснување од македонските власти за бегството на Рамадани
Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ побара објаснување од македонските власти за бегството на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК) Блерим Рамадани од домашен притвор, истакнувајќи дека неговото бегство е скандалозно, јави БЕТА.
-Станува збор за припадник на терористичката ОВК којшто извршил злосторства врз Србите во Косово, и кого Србија го бара со потерница, со цел да го изведе пред суд. Бараме објаснување од државните органи на Северна Македонија како е можно некој, којшто е уапсен по наша, меѓународно важечка потерница да побегне од домашен притвор. Или за албанските терористи и воени злосторници не важи меѓународната правда, кога убиваат Срби се им е дозволено и простено, рече Дачиќ.
Поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани од Косово, кој минатиот месец беше уапсен на косовско-македонската граница врз основа на потерница од Интерпол издадена на барање од Србија, избегал од куќен притвор од домот на роднини во земјава.
-Од страна на надлежен судски орган доставена е документација до МВР за распишување на централна потерница за лицето Б.Р. бидејќи во моментов е недостапно за органите на прогонот. МВР презема мерки за пронаоѓање на лицето, потврдија од МВР.
Рамадани, врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од Србија, беше уапсен на 17 јули 2024 година на граничниот премин Јажинце и однесен на 30 дена екстрадиционен притвор во затворот во Шутка. На 1 август, мерката на Рамадани од надлежен македонски суд му беше преиначена од „притвор“ во „куќен притвор“ и тој, според решението, беше упатен на адреса во Скопје. Со оваа одлука се предвидуваше тој да остане во „куќен притвор“ до 16 август.
Содржината на налогот за апсење на Рамадани се заснова на сомневањата на Србија дека како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.
Ј. Ѓ.