Недоизградените објекти од проектот „Скопје 2014“ ќе се довршат и во буџетот за 2025 година ќе се предвидат пари за тоа. Но, дали тоа значи дека Владата на чело со Христијан Мицкоски и по една деценија продолжува да го негува и обновува Груевизмот во земјава?
Јана Белчева – активистка од „Шанса за Центар“ вели дека Скопје 2014 е проект на обезличување на градот.
– Тој е само еден дел од целото обезличување и нагрдување што се случува со спроведување на урбанистички планови од 2012 кои во Центар и во 2024 сеуште важат и се третираат како важечки. Во 2017 се појави и волја и надеж дека има механизми да се запре уништувањето. Но, таа политичка волја не траеше долго, и пропадна под притисокот на градежната мафија, на спрегата на инвеститори, институции и судство. До сега имаше време да се запре, да се промени, да се ревидира, суспендира и да се продолжи по нови решенија кои ќе го стават јавниот над приватниот интерес. Не се сруши ниту една дивоградба во Центар, не се изгради нов јавен објект како репер за нови вредности, и не се поправи ни Пошта, ни ГТЦ, ни јавниот простори, ни Универзална, па дури и дивоградбите на сред улица на плоштад останаа да сведочат за политичката нерешителност. Нема да се занимавам со ликови, не смеат тие да се над институциите и над системот. За да го поправиме градот, не ни требаа политичките и судски игри и спреги со моќници, изјави Белчева за „Фронтлајн“.
Ни треба професионалност, додава таа, реобмислувања на просторот со нови вредности, ни требаат ЕУ насоките за зелени и одржливи цели, како и институции кои ќе се борат само и единствено за јавно добро, безбедно и квалитетно живеење и заштита на наследените добра, и природни и архитектонски.
– Скопје дефинитивно нема да стане град по мерка на човекот ако продолжи по сегашните пракси. А градот ќе ги обликува и луѓето, па животот тука ќе биде преживување наместо уживање, вели нашата соговорничка.
Д. Јонузи
Поврзано:
Скопје 2014 „ѓавол“ и за буџетот во 2025, Груевски сè уште не ја напуштил Белата палата!