Министерот за локална самоуправа, Златко Перински на прес-конференција по завршување на состанокот помеѓу градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека се позагрижени сега, отколку пред да започне состанокот.
Исходот од средбата, како што информираше министерот, било градоначалничката до крајот на оваа недела да состави план кој што ќе биде презентиран пред советниците во рамки на Советот на Град Скопје.
Министерот Перински на прес-конференција по завршување на состанокот изјави дека се позагрижени сега, отколку пред да започне состанокот.
Во однос на прашањето дали владата понудила некое решение, Перински одговори дека надлежностите на Градот и на градоначалничката се строго утврдени во Закон.
– Ние како Влада немаме ингеренции во делот на собирање и транспортирање на комуналниот отпад. Тоа е нивна ингеренција. Меѓутоа разочарани сме од менаџментот на претпријатијата, а пред сè од менаџментот од Градот. Ние немаме ниту еден заклучок, во каква состојба се наоѓа комунална хигиена сега. Не знаме со каква механизација, со колку вработени располагаат во моментов. Затоа, мислиме дека е соодветно да го слушнеме планот од страна на Градот пред ние да носиме заклучоци ако Влада, рече тој.
Министерот информираше дека на состанокот не побарале Арсовска да си замине од функцијата градоначалничка на Град Скопје, меѓутоа, рече дека смета дека тоа е едно од решенијата на проблемите.
– Состанокот беше практично во конструктивна насока да видиме дали можеме да ги решиме проблемиве. Ако си замине во моментот јас сметам дека тоа е еден од решенијата на проблемите. Меѓутоа ми треба системско решение. Ние имаме проблем во двете јавни претпријатија, рече тој.
Во однос на барањето на ЗЕЛС за одземање на ингеренциите на Арсовска, тој рече дека мора да се разгледува на два начина.
– Прво легалистички, согласно Закон, и второ што ќе се случува во пракса. Во моментот како Влада го разгледуваме барањето врз основа на Закон дали согласно Закон може ова да се направи. Второ, дали во пракса ќе го реши проблемот на Скопјани утре. Јас мислам не. Дека за такво нешто, да се влезе во некоја таква авантура, мислам дека ќе треба подолго време за да се донесе некакво подобрување од аспект на хигиената на Скопје, рече министерот.
Прашан дали планира да поднесе пријава против градоначалничката во однос на нејзиното непостапување, тој одговори дека како граѓанин на Скопје да, но не како министр.