Министерството за правда на САД подигна обвиненија против лидерот на Хамас Јахја Синвар и уште неколкумина милитанти за нападот лани на 7 октомври врз Израел и за убиства на американски граѓани, соопшти синоќа главниот обвинител Мерик Гарланд.
Обвиненијата против Синвар и другите високи лидери на Хамас се за „финансирање и водење повеќедецениска кампања за убиства на американски граѓани и загрозување на безбедноста на САД“.
Исто така се обвинува и Хезболах од Либан за обезбедување финансиски средства и оружје како ракети што беа употребени во нападот.
Кривичната тужба поднесена во федерален суд во Њујорк вклучува седум точки, меѓу кои и обвиненија за заговор за обезбедување материјална поддршка на странска терористичка организација, заговор за убиство на државјани на САД и заговор за употреба на оружје за масовно уништување, што резултирало со смрт.
-Во своите напади во последните три децении, Хамас уби или повреди илјадници цивили, вклучувајќи десетици американски граѓани, рече Гарланд во видео изјава.
Тој се фокусираше на нападите на Хамас на 7 октомври, кога милитантите убија околу 1.200 луѓе — вклучувајќи повеќе од 40 Американци. Околу 250 други беа киднапирани и однесени назад во Газа, меѓу кои и околу десетина Американци.
-Во раните утрински часови лани на 7 октомври, Хама предводен од овие обвинети, го изврши својот најбрутален и најнасилен терористички напад. Тие го извршија најсмртоносниот масакр врз Евреите од Холокаустот досега.
Нападот на 7 октомври го предизвика речиси 11-месечниот воен конфликт меѓу Израел и Хамас во Газа, во кој Израел уби повеќе од 40.000 Палестинци и прогони стотици илјади цивили од нивните домови. Израелските лидери останаа непоколебливи во својата цел да го елиминираат Хамас, организација која САД ја означува како терористичка.
Гарланд рече дека обвиненијата се „само еден дел“ од напорите на Министерството за правда да „се насочи кон секој аспект на операциите на Хамас“.
-Овие акции нема да бидат последни. Министерството за правда има долго паметење. Ќе ги гониме терористите одговорни за убивање Американци и оние кои незаконски им даваат материјална поддршка се додека се живи.
Гарланд укажа на неодамнешната смрт на уште шест заложници во Газа, вклучувајќи го и Херш Голдберг-Полин, роден во Беркли, Калифорнија. Шесте заложници биле застрелани од блиску и загинаа или во четврток или петокот пред силите да стигнат до нив во подземен тунел во Рафах, соопштија израелските здравствени и воени официјални лица.
Нивната смрт неделава предизвика масовни протести низ Израел, додека се зголемува притисокот врз израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да постигне договор за прекин на огнот со Хамас за да се издејствува ослободувањето на останатите заложници.
Други лидери на Хамас кои се соочуваат со обвиненија ги вклучуваат Ханија и Марван Иса, заменик лидерот на вооруженото крило на Хамас во Газа, за кој Израел тврди дека е убиен во март; Калед Машал, заменик на Ханија и поранешен лидер на Хамас; Мохамед Даиф, командантот на бригадите Ал-Касам за кој се верува дека е убиен во израелски воздушен напад во јули; и Али Барака, шефот за национални односи на Хамас.
Американски официјални лица соопштија за некои медиуми дека најмалку едно лице, чие име не се открива, се очекува да биде донесено пред суд во Њујорк.