ВМРО-ДПМНЕ се приклонува на Орбановата страна наместо на таа на мејнистрим десничарската Европска Народна Партија, вели политичкиот аналитичар Бесим Небиу, коментирајќи ја најавената посета на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Северна Македонија.
– Орбан е стар пријател и сојузник на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа посета надвор од бизнис и економското значење, во надворешно-политичка смисла, е знак дека ВМРО-ДПМНЕ се приклонува на Орбановата страна наместо на таа на мејнистрим десничарската Европска Народна Партија. Во таа насока оди и поларизацијата со Бугарија и Грција, во која владејачки или водечки партии се токму партии членки на ЕПП, вели Небиу за „Фронтлајн“.
Сељадин Џезаири од Балканскиот институт за регионална соработка – БИРС, за „Фронтлајн“ вели досегашното делување на владата на премиерот Христијан Мицкоски ја отвара можноста за зголемување на руското и, патем речено, кинеското влијание во нашата земја.
Запрашан, дали со посетат на Орбан во Скопје се отвораат вратите и за Путин? Џезаири вели дека „Попрво би рекол – за екс-премиерот Никола Груевски!“.
– Но, шега на страна, досегашното делување на владата на премиерот Христијан Мицкоски ја отвара можноста за зголемување на руското и, патем речено, кинеското влијание во нашата земја. При тоа, не го исклучувам и влијанието на соседната Србија, и секако улогата во сето ова на контроверзниот унгарски премиер, Виктор Орбан. Честите патувања на македонските политичари за Будимпешта, како да ми го потврдуваат сомнежот дека владата на премиерот Мицкоски само со зборови е стратешки ориентирана кон европските интеграции, а ги занемарува домашните задачи за да овој стремеж стане реалност, изјави Џезаири за „Фронтлајн“.
Притоа, додава нашиот соговорник, ги имам предвид владините активности на внатрешен план (кога се работи за влошувањето на меѓуетничките односи, при што ги имам на ум расправиите околу балансерот, употребата на албанскиот јазик, и предлог-законот за „бранителите“) и на надворешен: одолговлекувањето на промена на Уставот и стидливата употреба на уставното име на државата од највисоките чинители во земјата.
– Како и да е, дочекот и разговорите со унгарскиот премиер ќе го потврдат или негираат мојот страв дека по неговата посета ќе се отвори уште едно поглавје за тоа каде сме и каде сакаме да стигнеме. Не заборавајќи го при тоа политичко-безбедносниот, геополитичкиот амбиент во кој се наоѓа Северна Македонија и целиот Западен Балкан, подвлече тој.
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, заедно со делегација на унгарската Влада, на 26 и 27 септември, ќе биде во официјална посета на Северна Македонија. Во еден од охридските хотели, според најавата, владите на Северна Македонија и на Унгарија ќе одржат и заедничката седница.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер и премиер Христијан Мицкоски важат за блиски со Орбан и неговата партија Фидес.
Набргу по формирањето на Владата во Скопје во јуни, за време на самитот на НАТО во Вашингтон што се одржа во првата половина на јули, Мицкоски со Орбан договори Северна Македонија да земе кредит од Унгарија во висина од 500 милиони евра. На 17 септември законот за унгарскиот кредит беше изгласан и во Собранието.
Во Унгарија се наоѓа и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски. По паѓањето од власт, додека во земјава се водеа повеќе судски случаи против него, Груевски во ноември 2018 година избега во Будимпешта каде доби политички азил.
Дестан Јонузи