Ана Чупеска, универзитетска професорка и колумнистка, за ЦивилМедиа изјави дека коалицијата на власт во првите сто дена ги влошила односите со соседите и со ЕУ, а остана и без решение на прашањето за измените во Уставот.
„Ми се чини дека коалицијата на власт, наместо да ги подобри, ги влоши односите со соседите, и со Унијата. Сè уште нема решение, ниту на повидок е решение за обрската за Уставните измени. Уште повеќе ме загрижува тоа што на Бугарија и се дава поголема важност одошто на Унијата“, изјави проф. Чупеска за ЦивилМедиа.
Според Чупеска, власта, наспроти ветувањата, не покажува прогрес ни по прашањето за мерит системот за кој претходно постојано зборуваа.
„Од мерит системот во кој се колнеа, не забележувам дека има прогрес, напротив“, вели проф. Чупеска.
Според нашата соговорничка, реториката на власта останува етноцентрична, а самата коалиција не е јасно на што се темели.
„Реториката е сè уште етноцентрична, а коалицијата не е јасно на што се темели, особено со оглед на тоа дека кога ги договараа принципите – услов беа Уставните Измени“, оценува проф. Чупеска во изјава за ЦивилМедиа.
Таа заклучува и дека не е изненадена од начинот на работата на владата.
„Сè на сè, за мене очекувано, не сум изненадена, но, сепак, нивните гласачи, испаѓа дека се измамени“, изјави проф. Чупеска за ЦивилМедиа.
Џ. Д. / Цивил Медиа