Фатмир Битиќи, експерт за економија и развој, поранешен вицепремиер за економски прашања во ексклузивно интервју за ЦивилМедиа говори за клучните аспекти на првите 100 ДЕНА ВЛАДА. Директен и јасен како и секогаш, Битиќи го критикува застојот во евроинтеграциските процеси и посочи дека владата покажа економска неодговорност и неспособност. Тоа што овие денови, се чини, најмалку се анализира во јавниот и политичкиот дискурс, а претставува основа на стабилноста на земјата – општествената кохезија – нашиот соговорник прецизно и со факти го посочува како уште една област во која се бележи алармантно назадување. На самиот почеток од интервјуто, Битиќи вели дека во овие 100 дена влада има исто толку пропуштени можности.
ЦИВИЛ МЕДИА: Гледано во целина, како ја оценувате работата на владата во првите сто дена?
ФАТМИР БИТИЌИ: Сто дена Влада и исто толку пропуштени можности. ВМРО-ДПМНЕ покажа дека, и покрај изборната реторика што ја имаа, немаат ниту план ниту капацитет да одговори на вистинските потреби на граѓаните и на земјата. Наместо ветените промени и придвижување на евроинтегративниот процес, добивме исти манипулации и неуспеси како во минатото. Сведоци сме на заглавување на државата и опасно оддалечување од патот кон Европската Унија. Оваа Влада продолжува да ги носи старите штетни политики кои ја загрозуваат иднината на Македонија на меѓународната сцена, оставајќи ги граѓаните без јасна перспектива и визија.
ЦИВИЛ МЕДИА: Партијата што ја предводи владејачката коалиција безброј пати во изборната кампања говореше за економијата, стопанството, развојот… Како ќе ја оцените работата на владата на Мицкоски од аспект на економските политики?
БИТИЌИ: Владата покажа тотална економска неодговорност и неспособност. Падот на просечната плата е јасен показател за тоа како економските политики на оваа влада влијаат негативно врз стандардот на граѓаните. Мицкоски во четири очи се задолжи за 500 милиони евра во Унгарија, криејќи ги деталите од јавноста и создавајќи долг што граѓаните ќе го плаќаат со генерации. Истовремено, скратени се средствата за поддршка на домашните претпријатија, а повратот на ДДВ почна да доцни – истата погубна практика која ја користеа и од 2006 до 2017 година, кога стопанството беше на колена. Сето ова укажува дека наместо економска стабилност и развој, граѓаните се соочуваат со економска стагнација и долгови, додека власта се занимава со нетранспарентни финансиски зделки и популистички мерки без реален ефект.
ЦИВИЛ МЕДИА: Значи, според Вас, владата во првите сто дена ја враќа земјата назад?
БИТИЌИ: За само 100 дена успеа да ја врати државата неколку години наназад – потопени во долгови, заглавени во економска стагнација и со опасно оддалечување од Европската Унија. Ова не се само промашени 100 дена – ова е премиера на катастрофа во најава!
ЦИВИЛ МЕДИА: Еден од столбовите на стабилноста и политичкиот систем е општествената кохезија или, подиректно, меѓуетничките односи. Дали барем во оваа област има позитивен развој или барем задржување на претходните достигнувања во оваа област?
БИТИЌИ: Општествениот консензус е разјаден, предизборно најавуваа дека ќе го постигнат, но тргнаа по друга опасна патека на поларизација. Наместо да градат доверба и да создаваат сплотено општество, нивната политика е насочена кон разгорување на тензии и поделби, правејќи ги различностите извор на политички манипулации. Во изминатите 100 дена, се случија два силни удари врз општествената кохезија. Првиот удар е отворањето на постапка за уставноста на Законот за употреба на јазиците, со што се доведува во прашање правото на користење на сопствениот јазик на заедниците, кој беше еден од основните столбови на градење на инклузивно општество. Вториот удар е проблематизирањето на системскиот механизам за заштита од мајоризација, односно „балансерот“ за правична етничка застапеност во државната администрација, со што директно се загрозува фер претставеноста на сите заедници.
Џ. Дерала / Цивил Медиа