Продолжува потрагата по исчезнатите во поплавите и одроните на подрачјето на општините Јабланица, Коњиќ, Кисељак, Крешево и Фојница во БиХ.
Федералната управа за цивилна заштита распоредува тимови на локациите каде што се претпоставува дека има исчезнати лица.
Според последните информации, во поплавите загинаа најмалку 20 лица – 17 во Јабланица и тројца во Фојница.
Вкупниот број на жртви не е познат, но според неофицијални информации има десетици повредени, исчезнати и загинати, пренесува порталот Кликс.
Затрупани се многу куќи, а утринава пристигна и дополнителна механизација.
Во тек е состанок на кризниот штаб за координација на спасувачките активности, а по него треба да се дознаат подетални информации за состојбата на теренот.
Најтешка е состојбата во Долна Јабланица каде се сомнева дека каменолом ја предизвикал трагедијата во населбата која е целосно затрупана со отпад од гранит.
Според репортерот на „N1“ кој е во Јабланица, трудница починала во село Злате откако врз неа паднало дрво. Големи штети се забележани и во селата Глогошница и Шабанчиќи, но за среќа луѓето успеале да се спасат и во текот на ноќта нашле безбедно сместување.
Екипите на цивилната заштита, вооружените сили и другите служби се на терен од седум утринава и работат на пронаоѓање на исчезнатите и откопување на урнатините.
Во текот на ноќта врнело дожд, но престанал во раните утрински часови.
Во Јабланица се повлекла водата, па уште повидлива е големината на штетите, пишува N1.
Волонтери од различни делови на Босна и Херцеговина синоќа пристигнале во Јабланица за да достават помош до загрозените граѓани, но и да им помогнат на службите во чистењето и обновувањето.
Како што соопшти новинарот од Столац, Нермин Бисе, тие пристигнале преку Руишта. Освен екипите на Столац и Меѓугорје, има и граѓани од Зеница, Високо, Столац, Меѓугорје, Маглај, Бановиќи, Сребреник, Вогошќе, Илијаш, Турција…
Преспале во спортската сала Јабланица и утринава од седум часот се подготвени да им помогнат на надлежните и граѓаните кои изгубија се во поплавите.
„Градот замолкна. Мук. Овде и таму се слуша шум. Сцените што ги гледате во научно-фантастичните филмови се блага верзија. Не можеме да се приближиме до Доња Јабланица. Сите преживеани од Д.Јабланица се евакуирани. Немам зборови. Ми снемува“, напиша синоќа Бисе кога пристигна во Јабланица, пренесува N1.
Подготви: Ј. Ѓ.