РИБАРО
На Националниот координатор за демографија млади и човечки ресурси, Влатко Ѓорчев, не му било јасно зошто младите од Македонија се одлучувале да ја напиштат земјата, дознава АХА.
– Навистина не знам зошто младиве ја напуштаат земјава, кога овде е рај за ваквите како мене? Ич не ми е јасно?! Еве јас на пример си земам плата од две илјадарки евра секој месец, а ништо не работам. Ни крив ни должен ме назначи Владата некаков Национален координатор и ми врнат евра секој месец. А што сум јас повреден од некој млад доктор или инженер? Е, па, не сум, ама го имам рецептот што еве им го давам на увид. Треба само да го следат мојот пример. Коленичете фино-лепо пред партиските лидери, матете празна слама со хвалопевки за нив по телевизии и тоа е тоа. Ништо специјално, ништо тешко. Овде со два бона се живее како бог, каква Германија, каква Америка, тука му е мајката. Треба нели, само да се откажат од пристојноста и од личното достоинство и ете им тука Америка, изјавил Ѓорчев пред своите блиски соработници, дознава АХА.
Македонија, како што вчера рекоа ревизорите, е во топ 20-те земји во светот, а на петто место во рамки на Европската унија, чии високообразовани и стручни кадри заминуваат од земјата.
После овој извештај екипата на АХА го замоли Ѓорчев за коментар.
– Чудно ми чудо!, кратко коментираше Националниот координатор за демографија и млади Влаткич Ѓорчев.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK