Пишува: ДРАГАН МИШЕВ
Премиерот Христијан Мицкоски во одговор на пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски, кој од собраниската говорница го праша дали знаел дека министерката Сања Божиновска своерачно потпишала дека имала бугарска самосвест, како по обичај, избегнувајќи директен одговор на поставеното прашање, ја прогласи министерката Божиновска за поголема Македонка од сите нив (пратеници на СДСМ) заедно.
Навистина? Низ која искривена призма се протега светогледот на Мицкоски? Дали е до диоптријата, или како што инсинуираат некои пратеници во законодавниот дом, замаглената слика на реалноста низ очилата на премиерот се должи на алкохолните испарувања?
Доколку со ваквата изјава Мицкоски мислеше да ги навреди пратениците на СДСМ, тој всушност ги посипа со пепел сите Македонци кои не извадиле бугарски пасош и не се пишале као Бугари. Не дека немале и тие економска потреба, како Сања Божиновска, едноставно решиле дека националната припадност и македонското потекло им е поважно од економските потреби, и не вреди да си го пр(е)одадат за разно разни олеснувања, како работа во странство, купување половно возило, глумење европски „гражданин“.
Но, ова и не треба да зачудува ако се земе предвид дека „најпатриотската“ партија отсекогаш кокетирала со бугарофилството, величајќи поранешни нејзини „истакнати дејци“ кои не ги криеја своите бугарски чувства. Уште на цел глас пејат дека не бил Гоце Делчев, ниту Даме Груев, туку да ти бил Тодор Александров, додека сликите што им висат по ѕидовите од Ванчо Михајлов, еден од раководителите на ВМРО, контроверзна историска личност во Македонија, нарачател на многубројни политички убиства на македонски дејци, поддржувач на нацизмот и фашизмот, кој независноста на Македонија ја сфаќал исклучиво како бугарска земја, со бугарско мнозинско население, кажуваат повеќе од илјада зборови.
Настрана фактот што Сања Божиновска лажеше, и дека има/нема бугарски пасош, и дека не потпишала изјава дека има „блгарско самочувствие“, и таа, и и нејзиното семејство. За вакво флагрантно „манипулирање“ со вистината, во нормални земји ( демократии) , министер немаше да чека да го разреши премиерот, сам ќе си поднесеше оставка. Но, судејќи според последниот говор на Мицкоски во парламентот, демократијата во земјава е во опасен пад, и како да најави почетоци на диктатура.
Епа Македонче, епа чорба… сркај додека премиерот гордо те множи со нула.
Преземено: Цивил Медиа