Владата треба да биде транспарентна кога се во прашање советниците на премиерот Христијан Мицкоски, стои во дел од соопштението на Транспаренси Интернешнл-Македонија во врска со “бистри” и “матни” случаи кои беа актуелни во месец октомври 2024 година.
И по протекот на повеќе месеци, владата нема објавено кои се лицата кои се советници на премиерот Мицкоски. Владата мора да ги објави имињата, хонорарите и работните обврски на советниците на премиерот, велат од Транспаренси Интернешнл.
„Граѓаните и пошироката јавност имаат право да знаат кој го советува премиерот во насока на креирање на политиките кои не засегаат сите. Секако дека кај јавноста необјавувањето на имињата и хонорарите на советниците на премиерот остава сомнеж за постоење на кронизам и непотизам, меѓутоа не секогаш партиската припадност и блискоста значат кронизам и непотизам по автоматизам. При дефинирањето на кронизмот и непотизмот, многу е битно дали единствен критериум за избор е партиската припадност и блискоста или критериум е способноста, и успешноста на советникот во областа за којашто се избира. Токму затоа, доколку владата сака да ги тргне сите дилеми и сомнежи околу советниците на премиерот, мора во најкраток рок да ги објави имињата, хонорарите и областа на избраните советници“, се наведува во соопштението од Транспаренси Интернешнл-Македонија.