Во Операта во Токио (Tokyo Opera) вечер е светската премиера на „Сношти минав“ за тенор, гудачки оркестар и пијано од македонската композиторка Дарија Андовска.
Композицијата, како што информира Андовска, е напишана за нашиот светски реномиран тенор Благој Нацоски, кој ќе ја изведе со Tokyo Vranec Chamber Orchestra, под диригентската палка на љубителот на македонската музика Казухиро Котецу. Концертот е по повод 30 години дипломатски односи помеѓу Северна Македонија и Јапонија.
Во Скопје вечер е светската премиера на „Со маки сум се родила“ за сопран, флејта и пијано од Дарија Андовска. Композицијата е напишана за ансамблот „Алтус“ (Altus New Breath Ensemble), кој е на релација Франција – Северна Македонија, а ќе ја изведат Гонца Богоромова-Краповски – сопран, Елена Стојческа – флејта и Маријана Николоска – пијано.
Дарија Андовска е една од најплодните, најреномираните и најизведуваните македонски композитори на светските подиуми. Таа е редовен професор на Факултетот за музичка уметност – Скопје при УКИМ, каде во моментов ја извршува функцијата декан.