Пишува: ДРАГАН МИШЕВ
И претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како и многу автократи и диктатори пред него, вчера, „ничим изазван“, ишкајќи си ја мувата изјави дека тој не е Асад и дека нема да бега никаде.
„Дури и да мислите дека сум Асад, па ќе побегнам некаде – НЕ СУМ“, објави Вучиќ доцна синоќа на социјалните мрежи, предупредувајќи дека Србија е под притисок од различни страни и се обидуваат да ја соборат со сите можни хибридни средства.
„Жив сум, цел живот живеам овде во Србија, благодарен сум на мојата Србија, ќе останам овде, ова е моето место каде ќе завршам. Ќе се борам за Србија и ќе му служам само на мојот, на српскиот народ и на сите други граѓани на Србија, никогаш на странците, никогаш на оние кои сакаат да ја поразат, понижат и уништат Србија“, напиша Вучиќ на својот Инстаграм профил.
Еден друг, сега веќе поранешен автократ од овие простори, малку појужно од Србија, исто така во миговите кога, притиснат до ѕид, стана свесен дека годините на неговото режимско владеење со државата се при крај, изигрувајќи жртва по насилниот упад во Собранието на крвавиот четврток, изјавуваше дека тој е тука, нема да бега и се понуди да биде уапсен наместо луѓето кои упаднаа во Парламентот.
„Ако сакаат да се пресметуваат со ВМРО – ДПМНЕ ние сме тука, мене нека ме уапсат, колку сакаат нека ми дадат години, доживтен затвор нека ми дадат“ велеше „храбриот“ Груевски, кој набрзо по оваа храбра изјава, при првата прилика откако беше уапсен и над него се спроведуваа истражни дејствија за извршени криминали за време на неговото владеење, избега од државата сокриен во багажник, и сега живее како азилант во Будимпешта под закрила на неговиот (но и на Вучиќ) пријател Виктор Орбан.
За потсетување, за овој херојски чин на Никола Груевски, српската опозиција обвини дека: „Владата на Србија имала своја улога во бегството на поранешниот македонски премиер во Унгарија, и дека е точно тоа дека претседателот Александар Вучиќ наредил Безбедносно-информативната агенција и тајно да премине низ Србија, бидејќи сака да отвори таква практика која ќе му биде потребна и нему утре“.
Дали тоа „утре“ наближува за српскиот претседател.