Со одбележувањето на Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот, на 80-тата годишнина од ослободувањето на германскиот нацистички концентрационен логор Аушвиц-Биркенау каде беа убиени 1,1 милиони лица, се сеќаваме на невидените ужаси на Холокаустот, порачаа членовите на Европскиот совет во заедничка изјава по повод Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот – 27 јануари.
– Повеќе од кога било, од клучно значење е да ја одржиме нашата одговорност да им оддадеме почит на жртвите на Холокаустот. Ние сме решени да се бориме против антисемитизмот и да го заштитиме и негуваме еврејскиот живот во Европа. Ги осудуваме сите форми на дискриминација, нетолеранција, расизам и ксенофобија и ќе преземеме решителна акција за справување со овие закани по демократските општества, се наведува во изјавата.
Европскиот совет посочува и дека денес сме сведоци на пораст на антисемитизмот во Европа без преседан, невиден од Втората светска војна.
– Најостро го осудуваме алармантниот пораст на насилните антисемитски инциденти, негирањето и искривувањето на Холокаустот, како и теориите на заговор и предрасудите против Евреите, се додава во изјавата,
Според членовите на Европскиот совет, почитувањето на човечкото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и човековите права, вклучително и слободите на изразување и на верување, како и правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата, „мора и ќе ги водат нашите постапки во секое време, во согласност со вредностите врз кои е заснована нашата Европска Унија и кои се заеднички за сите нас“.
– „Никогаш повеќе“ е сега, се додава во изјавата на членовите на Европскиот совет по повод Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот.