Демократската унија за интеграција (ДУИ) алармира за дискриминација на Албанците во Министерството за одбрана, додека од министерството велат дека: „Во одбраната и Армијата нема место за дискриминација по која било основа, партизацијата од претходно ја заменивме со почитување на законските процедури“.
„Според последните податоци: Од 10 директори во новата систематизација, ниту еден не е Албанец. Од 12 советници во Министерството за одбрана, само 1 е Албанец. Од 29 раководители на сектори во министерството, ниту еден не е Албанец. Од 13 раководители на сектори во Генералштабот на Армијата, ниту еден не е Албанец. Од 30 команданти на баталјони, само 5 се Албанци. Албанските офицери со високи чинови и професионални квалификации се деградирани или отстранети од клучните позиции. Дополнително, ситуацијата се влоши со: Запирање на унапредувањата на албанските офицери и подофицери, иако ги исполнуваат критериумите. Систематско исклучување на Албанците од програмите за воена едукација во странство. Зголемување на говорот на омраза и националистичката реторика, како што беше случајот со Културно-уметничкото друштво „Бајрам Шабани“ во касарната во Куманово“, изјави пратеникот на ДУИ и поранешен претседател на Собранието, Талат Џафери, кој своевремено беше и министер за одбрана во владата на Груевски.
Џафери оцени дека застапеноста на Албанците во Армијата е на историски најниско ниво, целосно игнорирајќи го принципот на правична и соодветна застапеност.
-Екстремната политизација достигна врв, со партиски назначувања наместо професионални кадри. Во 9-месечниот мандат на претседателката Сиљановска беа унапредени два генерали – началникот на Генералштабот, Лафчиски, доби еден чин и стана генерал-мајор. Полковник Чиплаковски беше унапреден во бригаден генерал. Во исто време, ниту еден албански офицер не доби генералски чин. Напротив, се промовираат генерали обучени во Белград, што се совпаѓа со последната посета на Додик. Ситуацијата во Воено-разузнавачката служба е алармантна: ниту директорот, ниту тројцата негови заменици се Албанци“, открива Џафери.
Тој ја информира јавноста и за структурата на армискиот состав, оценувајќи дека состојбите се пресликани и таму.
„Првпат по многу години, во трите елитни единици (Волци, Ренџери и Воена полиција) нема ниту еден командант или заменик-командант Албанец, за разлика од претходно, кога Албанците имаа достојна застапеност. Военото воздухопловство е во најлоша состојба од независноста. Застапеноста на Албанците во командите на НАТО е незадоволителна. Модернизацијата на Армијата е запрена. Нема гаранција за испорака на оклопните возила JLTV и Stryker или на противвоздушните системи Mistral. Одбранбената способност и борбената готовност се на најниско ниво. Првпат од независноста, војниците останаа без храна поради неуспех во јавните набавки. Половина од новите војници немаат униформи и носат стари пустински униформи. Условите во касарните се мизерни, а воените возила се застарени и небезбедни, со потекло од 90-тите години. Албанките во Армијата се дискриминирани и немаат застапеност во раководни позиции, што ги принудува многу од нив да ја напуштат земјата. Последниот случај со назначувањето на началникот на Генералштабот од страна на претседателката, без уставна основа и без соодветна процедура, предизвика нов бран незадоволство кај албанските офицери, од кои некои размислуваат да ја напуштат воената служба“, алармира Талат Џафери.
Од друга страна, Министерството за одбрана категорички ги отфрла сите тврдења на пратеникот Талат Џафери. Оттаму велат дека Џафери „како поранешен министер за одбрана, и до пред само 7 месеци дел од коалиционата влада, треба да знае како функционира системот на одбраната“.
„Министерството за одбрана во моментов се наоѓа во процес на внатрешна структурна реорганизација, па оттука наодите се произволно интерпретирани и паушално дадени. Пратеникот Џафери свесно шири дезинформации иако многу добро знае дека откако имаше промена на власта во државава кон крајот на јуни 2024 година, ниту еден припадник од албанската етничка заедница не е променет, деградиран или дискриминиран согласно новата систематизација во Министерството. За илустрација на фактичката состојба посочуваме дека во моментов, функцијата заменик министер во Министерството за одбрана ја извршува токму припадничка на албанската етничка заедница. Припадници од албанската етничка заедница се застапени во сите структури на Министерството и Армијата започнувајќи од највисоките раководни органи односно од работната позиција државен советник, раководител на сектор, помошник раководител на сектор, раководител на одделение и сите останати позиции, како и во сите нивоа на Армијата од професионални војници до генерали“, реагираат од Министерството за Одбрана.
Додаваат дека Министерството за одбрана во изминатиот период посветува особено внимание на охрабрувачки мерки за поттикнување и инкорпорирање на соодветна и правична застапеност на заедниците, особено кога станува збор за интерни огласи, но и јавни огласи и конкурси.
– Армијата и одбраната се професионална структура која никогаш не земала предвид нечија етничка припадност. Тоа така и ќе остане без оглед на обидите на политичките партии да ја оцрнат одбраната и Армијата кои имаат најголем углед кај граѓаните. Независно од етничката припадност, секој оној што со својот професионализам, труд и посветеност придонесува во системот на одбраната ќе биде награден или унапреден, се наведуваа во нивната реакција.
Дестан Јонузи