Иницијативата за разрешување на државниот Јавен обвинител Љубчо Коцевски предизвикува полемики и разијдувања меѓу политичките партии.
Социјалдемократите велат дека партизација наместо реформи, стои зад разрешувањето на Јавниот обвинител се крие обид за инсталација на партиски послушник.
– Без разлика дали се согласуваме или не со работата на Републичкиот јавен обвинител, јасно е дека делувањето на ВМРО-ДПМНЕ е со единствена цел: да изврши упад во независноста на правосудната власт и да инсталира обвинител кој ќе биде послушник на власта. Ова значи газење на демократијата, газење на уставната поделба на власта и враќање кон мрачните времиња на контролирани судии, обвинители и судски процеси, изјави Александар Алексовски од СДСМ.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека сега се става крајот на судството, кое работело под политички диктат. Сметаат дека државата треба да функционира како правна држава, па затоа судството треба да се одземе од политика.
– Извештајот на Транспаренси каде Македонија има пад од 12 места на светскиот индекс на корупција потврдува дека токму ваквото правосудство е најслабиот столб во општеството. Неказнивоста, недостатокот на навремен и ефикасен институционален одговор, “заборавените“ предмети, и не постапување по наводите за криминал на Кацарска судството се само дел од причините за продлабочување на недовербата во судскиот систем. Коцевски и ЈО со прст не мрднаа по мноштвото докази кои излегоа во јавноста за сторен криминал. За Коцевски не постои институтот за отворање на предмет по допрен глас, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина Изет Меџити во врска со одлуката на Владата да почне постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вели дека таа е резултат на континуираните правни прекршувања на Коцевски.
– Прво, оваа постапка е во согласност со духот на меѓународниот фактор и стратешките партнери, со цел да се интервенира таму каде што има прекршувања. Второ, довербата на граѓаните во судскиот систем е на најниско ниво од 90-тите години и речиси повеќе не постои. Трето, јавниот обвинител Коцевски продолжи со континуирани правни прекршувања, создавајќи ситуација што ја направи неизбежна одлуката за негово разрешување – истакна Меџити.
Новиот јавен обвинител, според Меџити, треба да биде професионалец кој ќе придонесе за враќање на довербата на граѓаните во владеењето на правото.
Амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер изјави дека САД внимателно ги следат случувањата во правосудниот систем, конкретно владиниот предлог за разрешување на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, но и поднесените интерпелации од страна на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ до Собранието за петминаат членови на Судскиот совет, кој се избрани од законодавниот дом и нагласи дека она што сакаат да го видат е дека во сите процеси се почитува законот.
– Немам коментар, запознаена сум и го следиме процесот, според моите сознанија во тек е процесот согласно законските процедури и одблиску го следиме, одговори кусо Агелер, по примопредавање на мобилно оперативно возило за Црвен крст.
Во врска со случувањата во Судскиот совет исто така не навлегуваше во детали и само кусо одговори дека одблиску го следат и тој процес.
– Одблиску го следиме и тој процес. Очигледно со години посочуваме во однос на Судскиот совет, но и за други аспекти на правосудниот систем, постојат законски процедури и според моите сознанија тој процес е во тек и одблиску ги следиме состојбите и сакаме да видиме дека законот се почитува, истакна американската амбасадорка.
Владата на последната седница, го разгледала мислењето од Министерство за правда и по сериозна дискусија го задолжила ресорното Министерство да достави предлог за разрешување на републичкиот јавен обвинител пред истекот на неговиот мандат.
– Постапувајќи по заклучокот кој беше донесен на претходната Владина седница со која го задолживме Министерството за правда да преземе активностите во однос на поведување на постапка за разрешување на Јавниот обвинител, Министерство за правда го достави мислење во кое се нотирани следниве состојби: како прво нарушениот углед на институцијата со која раководи јавниот обвинител, затоа што чувањето на угледот на институцијата е должност која потекнува од Законот за јавно обвинителство, конкретно член 4 став 1. Понатаму, целокупната јавност во изминатиов период беше сведок на низа скандали, нарушена функционалност на ЈО, незаконски постапувања и корупција, неефикасност и повреда на принципите и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите, рече Митева.
Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски вчера изјави дека ќе се произнесе по предлогот за негово разрешување откако Владата ќе го достави до Советот на јавни обвинители. Во однос на барањето на премиерот Христијан Мицкоски да ја напушти функцијата, Коцевски рече дека ќе одговори откако ќе ги види основите предвидени во Законот за јавно обвинителство. Доколку се утврди дека навистина има тешка дисциплинска повреда, тој рече дека сам ќе се повлече од функцијата.
Пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ до Собранието поднесоа поединечни интерпелации за членовите на Судскиот совет Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска, Павлина Црвенковска и Селим Адеми. Претседателот законодавниот дом Африм Гаши, според Деловникот, треба да ги достави до нив и во рок од десет дена да добие одговор дали тие ќе се изјаснат за содржаните наводи.
Дури откако ќе помине овој рок без разлика дали членовите на Советот, кои се избрани од Собранието, ќе сакаат да се изјаснат или не, Гаши ќе може да ја закаже седницата на која ќе се расправа по овие интерпелации. Согласно овие рокови, очекувањата се дека седница на која ќе се расправа за интерпелациите би имало до или на почетокот на март.
Обвинителството, заедно со судството, се наоѓа на дното на анкетите за доверба на граѓаните. Последнта анкета на ИРИ покажа дека само 2 процент од испитаниците имаат верба и во обвинителството и во судството.
Дестан Јонузи