На состанокот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, беше јасно кој е за мир, а кој сака војната да продолжи, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
„Вчера на сите им стана појасно од кога било кој сака мир, а кој војна. Кој сака да прекине убивањето, а кој сака да продолжи. Кој е тој што стои на тлото на здравиот разум, а кои се тие кои не жалат ниту за човечки животи, ниту за милијарди евра, само за да продолжи војната“, објави Сијарто на мрежата Икс.
Тој рече дека „залагањето за мир“ на Трамп бил најважниот момент во последните три години од војната во Украина.
По драматично прекинатата средба на претседателите на САД и на Украина, Доналд Трамп и Володимир Зеленски во Белата куќа уследи поддршка за шефот на украинската држава од европските лидери.
Реагираа премиерите на Полска и на Шпанија, Доналд Туск и Педро Санчез, истакнувајќи оти Украина не е сама.
Туск на Икс напиша дека Зеленски и Украинците дека „не се сами“, а Санчез објави „Украино, Шпанија е со тебе“.
Додека британскиот премиер Кир Стармер соопшти дека синоќа телефонски разговарал и со Трамп и Зеленски.
Стармер наведе дека со нетрпение очекува „да им посака добредојде на странските лидери, вклучително и Зеленски“ на денешниот состанок посветен на Украина во Даунинг стрит 10.
– Тој (Стармер) ја потврди својата непоколеблива поддршка за Украина и ќе ја одигра својата улога во отворањето на патот за траен мир заснован на суверенитетот и безбедноста на Украина, изјави портпаролот на британската Влада.
Европска Унија синоќа му порача на Зеленски дека ја има нејзината непоколеблива поддршка.
– Бидете силни, бидете храбри, не плашете се. Ние ќе продолжиме да работиме со вас за праведен и траен мир, објавија претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на Икс.
Претходно, претседателот на Франција, Емануел Макрон изјави дека „агресор е Русија, а нападната е Украина“.
– Постои агресор, тоа е Русија, има нападнат народ, тоа е Украина. Мислам дека бевме во право што и помогнавме на Украина и ја санкциониравме Русија пред три години и продолживме да го правиме тоа, истакна Макрон.
И шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок посочи дека Германија и Европа се непоколебливо солидарни со Украина.
– Украина не е сама. Германија заедно со нашите европски сојузници стои обединета покрај Украина – и против руската агресија. Украина може да се надоврзе на непоколебливата поддршка од Германија, Европа и пошироко. Нивната одбрана на демократијата и нивната потрага по мир и безбедност е наша, објави Бербок на Икс.
Додека премиерката на Италија, Џорџа Мелони повика на „итен самит“ помеѓу Европа и САД и апелираше на обединетост на трансатлантските сојузници.
– Секоја поделба на Западот не прави сите послаби и им користи на оние кои сакаат да доведат до колапс на нашата цивилизација. Поделените односи никому не се од корист, посочи Мелони.
Таа додаде дека е потребна отворена дискусија за „како сакаме да се справиме со главните предизвици на денешницата, почнувајќи од Украина“.